Средба на претседателката Сиљановска Давкова со претставници на меѓународната конференција „ГРЕДИТ 2024“
Интегрален текст од соопштението на Кабинетот на претседателот:
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими претставниците на петтата меѓународна конференција за зелен развој, зелена инфраструктура и зелени технологии „ГРЕДИТ 2024“ којашто од 16 до 18 мај се одржува во организација на Машинскиот факултет и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во рамки на БЕНА – Балканската асоцијација за животна средина.
На средбата се разговараше за значењето на зелената агенда за регионот и пошироко како приоритет за зачувување на животната средина и здравјето на граѓаните.
Соговорниците ѝ се заблагодарија на претседателката Сиљановска Давкова за можноста да ѝ ги пренесат своите размислувања и погледи во однос на состојбите и начините за остварување на одржлив развој на мултидисциплинарен начин.
Во таа насока, беше истакнато дека е значајна соработката меѓу сите чинители, носители на одлуки, експерти и активисти за придонес кон зелениот развој за позелена и поздрава иднина за сите.
Претседателката Сиљановска Давкова им посака успешна конференција и плодна работа изразувајќи уверување дека со своите трудови и идеи ќе придонесат за зелениот развој, зелената инфраструктура и зелената технологија во регионот и севкупно во светот.