Соединетите Американски Држави процениле дека Израел распоредил војници во близина на Рафа, најјужниот град во Појасот Газа, во број доволно за да почне целосна офанзива, но високите американски претставници не се сигурни дали е донесена одлука, изјавија две официјални лица на американската администрација за Си-ен-ен.
Белата куќа верува дека израелската копнена офанзива во Рафа би била голема грешка и работи на итно воспоставување прекин на огнот, изјави во понеделникот американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан.
Во извештајот на Си-ен-ен се наведува дека администрацијата на Џозеф Бајден не е сигурна дали Израел донел одлука да го нападне Рафа по минатонеделното предупредување на американскиот претседател дека таквиот потег ќе ги поттикне САД да запрат понатамошна испорака на оружје.
Израел нареди евакуација на жителите од некои делови на тој град, кој израелската армија го означува како последно големо упориште на Хамас во Газа.
Се проценува дека повеќе од 350.000 луѓе го напуштиле Рафа, но стотици илјади останале во тој град./Извор:Makfax