Андреј Белоусов, изненадувачкиот избор на претседателот Владимир Путин за нов министер за одбрана на Русија, денес рече дека на војниците им треба подобар пристап до домување, болници и социјална помош.
Белоусов, економист кој претходно беше вицепремиер, ја истакна потребата од подобра грижа за руските војници во своето прво обраќање што се случи пред парламентарната комисија откога Путин во неделата го назначи да го замени Сергеј Шојгу.
Државните медиуми ја цитираа неговата изјава дека има премногу бирократија во врска со исплата на бенефиции за воениот персонал. Посочи и на проблеми со сместувањето и лекувањето.
„Мислам дека е хаос кога учесниците на специјалната воена операција, кои се враќаат, ги праќаат во болници, кои често, едноставно, се преполни. Ова прашање треба да се реши“, рече Белоусов.
Коментарите на Белоусов, кој нема воено искуство, се чини дека имаат цел да им покажат на членовите на вооружените сили дека ги разбира нивните грижи и дека ќе работи на подобрување на нивните услови.
Тој се обрати пред комисијата за одбрана и безбедност на горниот дом на парламентот како дел од процесот на потврдување на новиот состав на владата откако петтиот претседателски мандат на Путин почна на почетокот на овој месец./Извор:Makfax