23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Антонио Гутереш: Го повторувам мојот апел, итен прекин на огнот во Газа

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска повика на итен прекин на војната меѓу Израел и Хамас, враќање на заложниците и зголемување на хуманитарната помош на опколената палестинска територија.

„Го повторувам мојот апел, повикот на светот за итен прекин на огнот, безусловно ослободување на сите заложници и итно зголемување на хуманитарната помош. Но, прекинот на огнот ќе биде само почеток. Ќе биде далеку од уништувањето и траумата на оваа војна“, рече Гутереш во видео обраќањето на меѓународната донаторска конференција во Кувајт.

Американскиот претседател Џозеф Бајден синоќа оцени дека прекин на огнот во војната во Газа ќе биде можен уште утре, доколку Хамас ослободи 128 заложници, кои ги крие на своја територија по нападот на југот на Израел на 7 октомври.

„Утре би имало прекин на огнот доколку Хамас ги ослободи заложниците“, рече Бајден на собирот на средства за кампањата пред Сиетл, откако ја избегна темата за време на три слични настани во петокот.

„Израел вели дека зависи од Хамас, ако тие сакаат да го направат тоа, можеме да го прекинеме утре. А прекинот на огнот би започнал утре“, рече американскиот претседател.

Во средата тој го предупреди Израел дека Америка ќе престане да го снабдува со артилериски гранати и друго оружје доколку израелските сили го нападнат градот Рафах во јужниот дел на Газа, поради загриженоста за цивилните жртви предизвикани од употребата на американски бомби, објавија израелските медиуми.

Последните индиректни разговори меѓу Израел и Хамас за договор за прекин на борбите во Газа и ослободување на заложниците пропаднаа без никаков забележлив напредок оваа недела.