Најмалку 11 лица, претежно ученици, загинаа во тешка несреќа со училишен автобус во Индонезија, пренесува „АП“.
Според извештаите, на автобусот му откажале сопирачките, по што удрил во неколку автомобили и мотоцикли пред да удри во столб и да се преврти.
Автобусот со 61 ученик и професор се враќал доцна синоќа во средното училиште во Депок во близина на главниот град Џакарта, од туристичкиот град Бандунг по прославата на матурирањето, изјави портпаролот на полицијата во Западна Јава, Жил Абрахам Абаст.
„Автобусот изгубил контрола на удолницата и преминал на спротивната лента, удрил во неколку автомобили и мотоцикли пред да удри во столб за струја“, рече тој.
Девет лица загинаа на местото на несреќата, а уште две починаа подоцна во болница, меѓу кои и наставникот и возачот на автобус, потврди Абаст. Уште 53 лица се хоспитализирани со повреди, меѓу кои и некои во критична состојба.
„Се уште ги истражуваме причините за несреќата, но прелиминарната истрага покажа дека сопирачките на автобусот биле неисправни“, рече Абаст.
Тешките сообраќајни несреќи не се невообичаени во Индонезија, пред се поради лошите безбедносни стандарди и патната инфраструктура./Извор:Makfax