„На големо изненадување на целата демократска јавност, уште од првиот ден од страна на најголемата опозициона партија наместо предлози за подобро утре на граѓаните и државата бевме соочени со обична рециклажа на буквално истите политички решенија кои ја донесоа државата во статус на изолирана и заробена со власт која монтираше политички процеси и земја која имаше политички затвореници и новинари во затвор. Да бидеме искрени дали некој воопшто од нас кој го памети режимот имаше причина да се надева на поинакво однесување на партијата која организираше насилен упад во зградата на Парламентот, а денес по 7 годни не само што не се извини за жртвите и на целиот народ поради тој срамен чин, туку најавува амнестија на насилниците кои беа спремни да убиваат само за нивните политички ментори да останат на власт. Каква алтернатива понудија и дали воопшто нешто понудија во оваа кампања во однос на двата клучни услови за стабилна и просперитетна држава, евроатланските интеграции и меѓуетничките односи“, изјави претседателот Стево Пендаровски на голем сенароден митинг на СДСМ, Коалицијата за европска иднина.
Тој додаде дека опозицијата во обид да ги манипулира граѓаните, нивниот став за нашата интеграција во НАТО, доживеа невидена трансформација.
„Лично од нивната кандидатка за претседател чувме дека интеграцијата во НАТО Алијансата била важна за стабилноста на државата, а истата личност пред 4 години бараше кривична одговорност за потписниците на Преспанскиот договор. Партијата која ја поддржува за овој политички лупинг не кажа ниту збор, мислејќи дека ги имаме заборавено жестоките критики и тешките лични навреди упатени кон сите нас кои го поддржуваме тој договор. Истата личност рече дека според европската преговарачка рамка историјата не е услов за влез во ЕУ. А партијата која ја предлага за највисоката државна функција ни за овој став не кажа ниту збор, иако три години во континуитет организира протести и правни и парламентарни блокади на нашата интеграција во Унијата, упорно повторувајќи ја измамата дека нема да станеме членка додека не ја прифатиме бугарската верзија на историјата“ потенцираше Пендаровски.
Тој додаде дека за да биде парадоксот поголем, високи претставници на таа опозициона партија поверувале во сопствената пропаганда и две години по усвојување на преговарачката рамка се уште не знаат што пишува во неа.
„Имено, дека целокупното европско законодавство ќе биде преведен на македонски јазик а македонскиот јазик ќе биде еден од официјалните јазици во таа организација во моментот кога ќе станеме членка“, заклучи Пендаровски.