„СДСМ е државотворна партија која своите корени ги влече од социјалистот Гоце Делчев, Народноослободителната борба, Лазар Колишевски, Перо Гошев, Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шеќеринска, Зоран Заев, па се до ова раководство. Едно заедничко за сите нив е што ништо не може да ги спречи во намерите за подобра Македонија, а најмалку тоа може да го направи еден дождлив ден во Скопје“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на централниот митинг во Скопје.
Тој додаде дека тие не се направени од лажните чоколади или стиропорот од лажниот барок на Мицкоски, Груевски и Ставрески за да ги стопи еден дожд.
„Верувајте, огромна е честа и чувството кога гледам дека огромен број наши сограѓани и сограѓанки, со своето присуство на овој собир, гласно, јасно и силно велат: Нема откажување од иднината! Македонија е европска држава, Македонија ќе биде член на Европската Унија“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ исто така му се заблагодари и на претседателот на Партијата на европските социјалисти, Стефан Левен за поддршката на митингот и кажа дека е благодарен до сите сестрински партии на СДСМ за поддршката и застанувањето до нив во клучните моменти.