24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Регрес од 3.000 до 6.000 денари во грејната сезона за пензионерите вети Филипче од Струмица

Ветувањата на СДСМ кон пензионерите се дека и во следниот мандат ќе работат во насока на обезбедување на севкупни пакети наменети за пензионерите, односно зголемување на пензиите и дополнителни социјални мерки што ќе значат достоинствен живот за оваа категорија на граѓани.

Ова го истакна д-р Венко Филипче, носител на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина кој денеска имаше средба со Здружението на пензионерите во Струмица.

„Планираме воведување енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март, а во зимските месеци пензионерите ќе добиваат регрес од 3.000 до 6.000 денари. Највисоката поддршка ќе биде за пензионерите со најниски пензии. СДСМ ветувањата ги остварува, тоа го знаат и пензионерите. Во следниот мандат на СДСМ минималната пензија ќе изнесува најмалку 20.000 денари, а просечната ќе достигне 30.000 денари.“, изјави Филипче.

Филипче потсетува дека и во минатото направени се крупни мерки, кои покрај што се однесуваат на висината на пензиите, го третираат и другиот, исто така многу важен сегмент за пензионерите, а тоа е нивното здравје и пристапот до здравствена услуга и терапија.

„Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт, овозможивме граѓаните да имаат лекови во кој било ден од месецот. Оваа мерка беше најважна за пензионерите кои можат во кој било период од месецот да ја земат својата терапија. Воведовме бесплатна вакцинација против сезонски грип за лица над 65-годишна возраст. Овозможивме и бесплатно болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во земјава“, рече д-р Филипче.

Филипче потенцира дека пензионерите заслужуваат да ги уживаат сите бенефиции и дека без разлика на кризите, со кои се соочуваше целиот свет, СДСМ не дозволи товарот да биде ставен на грбот на оние кои не можат повеќе да заработуваат.