26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Уапсен новинарот Фуркан Салиу, МВР со соопштение за апсењето, а ЗНМ со реакција

Денеска ( 07.04.2024) околу 17 часот на фудбалскиот стадион во с. Средно Коњари за време на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК “БВК Коњаре” и ФК “Куманово”, на дваесетина минути пред крајот на натпреварот дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи. Обидот е спречен од страна на службите кои го обезбедуваа натпреварот и натпреварот бил прекинат, информираат од МВР.

-За време на интервенцијата, од страна на две лица нападнати се припадници на Единицата за брзо распоредување. Лицата кои го извршиле нападот веднаш се приведени и утврдено е дека станува збор за Ф.С.(33) од с. Арачиново и Н.Ј. (26) од с. Арачиново, додека С.Б. (40) од с. Арачиново е приведен за учество во тепачка.

Дополнително, околу 18 часот, при преглед на патничко возило “дачија дастер”, сопственост на Ф.С., а управувано од Ф.А.(34) од с. Кондово со сопатник А.Р. (21) од с. Кондово, во багажникот е пронајден пиштол. СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување и документирање на случајот, се вели во соопштението на МВР.

Се огласи и Здружението на новинарите на Македонија.

„ЗНМ и ССНМ апелираат случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневно политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања. Пред малку беше објавена информација на PortaliX, онлјан медиумот во кој Фуркан Салиу е основач и уредник. Уредничкиот тим на медиумот информира дека денешниот акт на специјалната единица против новинарот Салиу е целосно диригиран и претставува обид за притисок врз слободното новинарство што го практикува PortaliX“, се вели во соопштението.

Вонредна прес конференција од пред полициската станица во Гази Баба најави и портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.