Првиот ден од изборната кампања, кандидатот за претседател Стево Пендаровски вчеравечер го заврши со централен, граѓански митинг во Прилеп.
Истакнувајќи дека според бројот на жители и бројот на дадени потписи за неговата кандидатура, Прилеп е најдобар во Македонија, Пендаровски рече се сеќава што рекол пред 5 години и дека може да ги погледне прилепчани во очи и да не се засрами.
„Главната работа која ја кажав е дека ќе бидам претседател на сите. Тоа значи не гледам партија, не гледам фамилија, не гледам вера или нација, гледам кој е човек, па и не луѓето сум ги примал. Сите ги примам, секој што има мака, секој што има нешто да ми каже, да му помогнам или да ми даде некаков предлог, некаква сугестија за да ги решиме проблемите на нашите граѓани, кои не се мали“, рече Пендаровски.
Говорејќи за бенефитите од членството на државата во НАТО, Пендаровски рече дека на чекор ни е и полноправното членство во ЕУ со што би ја оствариле и втората голема стратешка цел. Но, како што рече тој, само ако сме сложни меѓу себе. Членството во Унијата, додаде Пендаровски ќе го намали и иселувањето на нашите деца и на нашите внуци, нашата најголема болка. Пендаровски изрази уверување дека со пристап до европските фондови може да се дуплира стандардот на секој македонски граѓанин.
„Децата тука ќе имаат шанса да останат и да просперираат, само ако има услови за пристоен и достоинствен живот. Не треба ништо да си одземеме од тоа кои сме и што сме, јазикот ни е гарантиран, идентитетот ни е гарантиран. Оваа политичка структура после 17 години преговори и во еден дел т.н. преговори, бидејќи властите тогаш не сакаа да преговараат бидејќи си ги чуваа фотелјите и парите, ги започна преговорите и ја отвори првата конференција со Европската Унија“, рече Пендаровски.
Уверувајќи ги граѓаните на Прилеп дека опцијата за која се застапува и за која живее не може да ја однесе Македонија повторно во балканската кал, туку во просперитетна европска средина, Пендаровски ги повика прилепчани масовно да гласаат за него и на 24 април и на 8 мај.