23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

(ВИДЕО) СТОЈКОВСКИ ВО „ПОЛИГРАФ“: СО РУСИЈА ИМАМЕ МАЛА РЕАЛНА СОРАБОТКА, А ИМА ГОЛЕМО ПРИСУСТВО ВО ЈАВНИОТ ДИСКУРС

Кои се извори на странските влијанија и дезинформации во земјава и која е нивната цел? За овие прашања, „Полиграф“ разговараше со Андреја Стојковски, извршен директор на Преспа институтот.

Полиграф: Кога сме кај дезинформациите и влијанијата од надвор од државава, особено биле видливи или пак се видливи во времето на потпишувањето на Преспанскиот договор, исто така на „францускиот предлог“ но и на уставните измени. Кои се изворите на овие дезинформации и која е нивната цел?

Стојковски: Целта, веројатно ако сакаат да остварат какво било влијание оние кои што ги споделуваат ваквите вести, или пак го насочуваат јавниот дискурс кон определено разбирање или кон определена тема, кон определен начин на водење на дискурсот – е влијание врз политичките текови и демократските процеси во рамките на државата. И, точно посочивте три моменти, во коишто може видливо да се забележи како се појавува споделување на определена пропаганда или насочено комуницирање за остварување на определено влијание.

Институтот Преспа следи 64 држави, ги следиме на период од 2000 година наваму, следиме 48 индикатори, 20 променливи. Две од тие променливи се медиумите, значи јавниот дискурс во официјалните, традиционални медиуми и јавниот дискурс на социјалните медиуми. Она што успеавме да го забележиме кога зборуваме за некои од државите кои се обидуваат да остваруваат влијание преку учеството во јавниот дискурс, е дека реалната соработка помеѓу нашата држава и овие држави е на многу ниско, на многу основно ниво.

На пример, да ја земеме Русија. Ако ја погледнеме соработката на економски план, Русија е некаде 21-ви или 22-ри трговски партнер. Точно е дека во светот има 200 држави, меѓутоа ние економски не соработуваме со сите. Така што, обемот на соработка којшто го имаме со Русија на ова ниво, 21 или 22-ри трговски партнер, е навистина многу низок. Првите два трговски партнери на нашата држава се Германија и Обединетото Кралство и соработката со овие држави изнесува некаде милијарда и триста или милијарда и четиристотини милиони, што би рекло, некаде околу 13 или 14 % поединечно секоја од двете држави од нашиот бруто општествен производ.

И сега, ако имаме во предвид дека соработката со Русија е само во делот на енергетика, нема странски инвестиции од Русија, нема девизни дознаки бидејќи нема наша дијаспора која функционира, живее во Русија, нема политичка соработка, има многу мала културна соработка, моментот на вклучување во јавниот дискурс, без оглед дали се тоа традиционални или социјални медиуми, особено создава претстава за тоа колку Русија се качува високо во сопственото присуство.

И, успеавме да го забележиме дека тоа се идентификува во периодот 2013-та, кога е на највисоко ниво Русија, потоа во 2009-та влегува во рамките на топ 10 држави според нивното присуство, во 2016-та излегува, значи паралелно со последната политичката криза и предвремените парламентарни избори во 2016 година. Во 2018-2019, во периодот на потпишувањето на Договорот од Преспа и спроведувањето на уставните амандмани повторно се враќа во топ 10 државите, заради тоа што го зголемува својот обем на присуство на рамките на јавниот дискурс.

Интервјуираше: Ера Ѓакова

Извор: Smk.mk