Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ е единствениот кандидат за претседател на државата, кој наместо потребните граѓански потписи до Државната изборна комисија со својата кандидатура достави потписи од пратеници, велат од тимот на претседателот Стево Пендаровски.
„Пред само две недели ВМРО-ДПМНЕ се фалеше дека за Гордана Силјановска Давкова се потпишале најмногу граѓани, се споменуваа бројки од 20.000, 25.000 потписи па и повеќе.
Но на крајот, кандидатурата на Силјановска Давкова беше поткрепена само со триесеттина потписи на пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Зошто Давкова и Силјановска се одлучија за ваков потег? Дали на денот на собирање на потписите излажаа за вкупниот број на собрани потписи? Дали на списоците можеби имало преклопување на одреден број потписи, едните депонирани во нотарски канцеларии а другите во подрачни одделенија на ДИК? На крајот, дали конечниот број на потписи не само што не е драстично поголем, туку и е помал од бројот на собрани потписи од страна на Стево Пендаровски?
Одговор за ова треба да дадат Гордана Силјановска Давкова и ВМРО- ДПМНЕ.
Доставувањето на пратеничките потписи покажа две работи: Првата е дека Силјановска Давкова не е натпартиски кандидат, туку единствено кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и второ, дека Давкова и ВМРО-ДПМНЕ излажаа десетици илјадници граѓани кои со часови чекаа да се потпишат, а нивните потписи наместо за поддршка на кандидатурата, отидоа во ѓубре“, се наведува во соопштението од тимот на Пендаровски.