14.8 C
Скопје
24. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Арсовска изврши увид во градежните работи на проектот за изведба на водоводна мрежа во Чучер Сандево

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, со екипи од скопските јавни претпријатија денес изврши увид во градежните работи на проектот за изведба на водоводна мрежа на потегот од 1. километар на улицата Бел камен во Чучер Сандево, проект што се реализира со меѓуопштинска соработка.

Со реализацијата на овој проект, како што соопшти нејзиниот кабинет, се решава горлив проблем на жителите на општина Чучер Сандево, чии потреби повеќе од 30 години беа заборавени, а барањата игнорирани. Поради старата и дотраена водоводна мрежа во овој дел, жителите се соочуваат со чести дефекти, а со поставувањето на оваа нова мрежа се врши и преповрзување на постојните објекти, односно на 110 приклучоци, со што обезбедуваме поквалитетен живот на нашите сограѓани.

Градежните активности на терен опфатија реконструкции на 10 улици, краци на улицата Бел камен, кои припаѓаат на територијата на општина Чучер Сандево, од кои 8 се веќе завршени, а со оваа инвестиција се обезбедува напуштање на досегашната водоводна мрежа, која е несоодветна и со незадоволителен профил.

„Град Скопје континуирано работи на подобрување на водоснабдувањето во согласност со ветените проекти од програмата ‘За модерно Скопје’, каде што решавањето на овие предизвици е еден од приоритетите“, се додава во дописот од оваа институција.