Големи промени на подобро се можни само ако заедно продолжиме на патот кон Европската Унија, големите промени на подобро се случуваат само кога државотворни, големи партии како СДСМ преземаат храбри чекори напред, заедно со граѓаните, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Куманово.
-Јас не живеам во заблуда дека ние ја водевме државата безгрешно. Немам намера да ви кажувам дека сè е совршено. Само ќе ви кажам отворено и искрено – ќе дадеме сè од себе Македонија да продолжи да расте и да се развива. Граѓаните знаат дека во изминатите седум години СДСМ обезбеди највисок раст на платите до сега, а граѓаните живеат во целосно обезбедена демократија и слобода. Подобро може да биде и ќе биде само ако заедно продолжиме на патот кон ЕУ! Големите промени, промени на подобро, се случуваат само кога големи, државотворни партии како СДСМ заедно со вас граѓаните преземаат храбри чекори напред, рече Ковачевски.
Така ќе биде и овој пат. Само СДСМ го има и кадровскиот потенцијал и политичката волја да направи нешто подобро и нешто повеќе и за државата и за граѓаните, додаде Ковачевски.
-И затоа ќе ви кажам: ние работиме и затоа грешиме, но и учиме од грешките, и имаме план како да изградиме функционален систем по правилата на Европската Унија. СДСМ е единствената партија која ја постави и која работи да се исполни визијата за европска иднина на нашата земја. И со таа визија одиме до крај! Нема откажување од иднината!, рече Ковачевски.