23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Ковачевски: Имам богата професионална кариера и ја водев владата во двете најтешки години по Втората светска војна

„Јас сум човек кој има богата професионална и политичка кариера и човек кој имаше одговорност и чест во двете најтешки години после втората светска војна, години на криза да ја предводи Владата на Република Северна Македонија“, изјави претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на Сител Поткаст.
Во своето неформално претставување пред јавноста, Ковачевски истакна дека потекнува од семејство коешто вреднува традиционални вредности и од маало коешто е етнички мешано.

„Со Куманово ме поврзуваат најубавите спомени на детството. Сите другари со кои и ден денес оддржувам контакт, со кои споделувам најинтимни работи, се истите со кои се слушаме секогаш кога имаме можност со оглед на обврските, меѓутоа не пропуштам прилика кога се организирани во Куманово, прослава на матура, роденден да отидам и да се видам со нив. Тука се спомени на првата девојка, на безброј одиграни фудбалски натпревари на терените на Соколана. Спомени на школото Крсте Мисирков и сите наставници кои беа таму, на Гимназијата Гоце Делчев и моето семејство кое се уште живее таму. Има многу спомени кои ме врзуваат со Куманово“, потенцираше Ковачевски.

Тој додаде дека детските игри коишто ги играл тој со неговите другари, денешните деца можат само да ги видат на телевизиски серии.

„Иако долго време живеам во Тавталиџе, Тавталиџе се уште има маалски живот. Гледам дека мојот син убаво се дружи со другарите со коишто учи. Игравме се што го правеле останатите во тоа време, од фудбал на мали голчиња, од криеки. Карактеристично нешто за тоа маало од моето детство е што имавме можност да празнуваме многу празници. Ви кажав дека бевме навистина етнички мешано маало, тоа и денес е веројатно така, но се изградија многу згради и ги нема веќе оние куќи каде што секое семејство се познава меѓу себе. Кога ќе започнеа празниците, од правење на ифтари, како што е денес, од рамазанските пости, па велигденските и тн. И ден денес тие пријателства останаа. Тоа беше едно убаво и хармонично детство. Во тоа време научивме многу за семејните и традиционалните вредности.“, заклучи Ковачевски.