23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: И јас, но и многу политичари, новинари и претставници на невладини учат за соживот и надминување разлики од татко ми и Фериз Дервиши

„Татко ми станува градоначалник на Куманово од 2000 до 2005 година, во исклучително тежок период, период на воениот конфликт. Јас сум горд на тоа што го направил и на Вашинтон пост се уште постојат натписи за тоа како тој и неговиот пријател, Фериз Дервиши, кој беше лидер на најголемата етничка албанска партија во Советот, успеаја да не дозволат воениот конфликт да се прелее во Куманово“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во поткастот на Сител.

Тој додаде дека тие заедно успеале да ги уверат граѓаните дека може да се живее и напредува заедно.

„Како семејства сме толку блиски по тој воен конфликт што ден денес тоа пријателство е прераснато во роднинство и не постои празник што не го празнуваме заедно. Не постои свадба на која целите фамилии не присуствуваат заедно“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека неговиот татко и Фериз се пример како може низ едно пријателство и разбирање да напредува едно мултиетничко општество и ден денес луѓе кои се занимаваат со политика, новинари и претставници на невладини организации разговараат со нив, за тоа како тие успеале да ги надминат разликите и да бидат пример за заедничко функционирање.

„Резултат на нивната работа е што во 2001 година немаше ниту еден скршен излог во Куманово“ рече Ковачевски.