14. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Бочварски: Вложуваме 11,5 милиони евра за модернизација на локалната патна инфраструктура во скопските општини

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и заменик министерката за здравство, Маја Манолева, денеска извршија увид во изградба на 9 локални улици во населеното место Хиподром 2, во општина Гази Баба.

Проектот се реализира преку Министерството за транспорт и врски и истиот е во вредност од преку 600 илјади евра и се наоѓа во завршна фаза.

Министерот Бочварски истакна дека Гази Баба добива значајна поддршка од централната власт за изградба и рехабилитација на локални улици и патишта, со што директен бенефит имаат граѓаните.

„Драго ми е што жителите на Хиподром и Гази Баба добиваат квалитетни улици, бидејќи сите граѓани имаат право на еднаков развој и подобар квалитет на живот. Во општина Гази Баба преку Министерството за транспорт и врски инвестираме повеќе од 800 илјади евра, а вредноста на овие 9 улици кои во моментот ги градиме е преку 600 илјади евра. И ова е многу значајна инвестиција со која инфраструктурано решаваме огромно прашање за жителите во населба Хиподром. Би ја искористил приликата да потенцирам дека до средината на оваа година ќе распишеме јавни повици за изградба и реконструкција на уште 70 локални патишта и улици во општините низ целата држава. Сите граѓани за нас се еднакво важни, инвестираме во сите општини, без разлика дали централната и локалната власт се од иста или различна политичка партија, тоа за нас е неважно. Најважно е граѓаните да ги имаат сите услови за подобар живот.“ – изјави министерот Бочварски.

Министерството за транспорт и врски во Скопје и општините во Скопје инвестира 11,5 милиони евра за реконструкција на улиците, а до сега завршени со изградба и рехабилитација се над 180 локални улици и патишта, во над 65 општини.