26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Аналитичари: ВМРО-ДПМНЕ во Собранието им ветуваат на пратениците Албанци дека после изборите ќе ги гласаат уставните измени, сега заобиколуваат

„Силните изјави на претставници на ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени се изјави за дневнa политика. На шефот на оваа партија јасено му е дека овој компромис мора да се направи. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието им порачуваат на колегите Албанци дека тоа ќе се случи по изборите и дека сега пред избори не можат да преземат никакви чекори за изборни ефекти“, изјави за Фронтлајн политичкиот аналитичар Дритон Зенку, за коалициските капацитети на ВМРО-ДПМНЕ со партиите на Албанците.

– Тоа е нивниот одговор дека не можат да го уништат рејтингот на партијата што го кренаа со овие каузи. Од ВМРО-ДПМНЕ официјално порачаа дека уставните измени ќе се случат, но не по бугарски диктат. Ова е моментот на играње зборови. Доколку се случи оваа партија да дојде на власт, нивниот предлог за уставни измени ќе биде различен во мали нијанси, но во суштина ништо нема да се промени. Партијата на Мицковски е свесна за овој факт што за нив претставува чин за преземање на власта. На меѓународниот фактор, кој јасно кажа каков треба да биде патот на Северна Македонија, му помага и единствената позиција на партиите на Албанците во однос на условеноста за формирање на новата влада со уставните измени, изјави Зенку за „Фронтлајн“.

За разлика од него, политичкиот аналитичар Бесим Небиу е на мислење дека на овие избори ВМРО-ДПМНЕ влегува со предност според сите анкети. Според него, таа предност во извесна мера се должи на тврдиот став околу преговарачката рамка.

– Секое менување или „ублажување“ на овој став може да ги чини гласови кои ќе се прелеат кон подесната националистичка опција – Левица. Секако во изборната кампања, СДСМ и сите албански партии ќе инсистираат на дебата околу откочувањето на ЕУ преговорите како „услов без кој не се може“ за формирање на нова Влада. Негласањето на промената на уставот значи одбивање на преговарачката рамка и автоматски и запирање на преговорите со ЕУ без тие вистински да започнат. Се разбира и во ВМРО им е сосема јасно дека преговарачки рамки на ЕУ не се менуваат ни за точка ни за запирка – таков преседн во 73 годишното постоење на ЕУ едноставно нема, изјави Небиу за „Фронтлајн“.

Но, додава тој, ВМРО-ДПМНЕ ќе сака што е можно повеќе да го заобиколи ова прашање во текот на изборната кампања, односно да излезе со што е можно поопшти позиции околу уставните измени на начин да не го оддалечи дел од своето гласачко тело.

– Колку ќе успее во тоа, зависи од кампањата на СДСМ кои очекувам дека ова прашање ќе го направат едно од главните во својата изборна кампања, вели тој.

Дестан Јонузи

Извор: Frontline.mk