15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Демири: Ќе најдеме решение да му се помогне не само на Лео, туку и на секој друг пациент што има потреба

Владата и Министерството се комплетно посветени и ќе се изнајде решение со кое ќе му се помогне на Леонид Индов, истакна министерот за здравство, Илир Демири, одговарајќи на новинарско прашање во врска со овој случај.

Потенцира дека системско решение во предизборниот период и во време на техничка Влада не може да се најде.

„Досега е направено многу. Зборувавме со семејството и бргу ќе добиете епилог. Не сакам медиумска кампања апропо изнаоѓање решение. Значи, Владата и Министерството за здравство се комплетно посветени и ќе најдеме решение да му се помогне не само на Индов, туку на секој пациент што има потреба“, рече Демири пред почетокот на панел-дискусијата по повод одбележувањето на Денот на ретките болести во Скопје.

Сега, како што нагласи, треба да се изнајде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение ќе се зборува по изборите.

„Системско решение во оваа техничка Влада и во предизборие не може да се најде. Треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение ќе зборуваме по изборите. Од повеќе сектори зависи тоа. Значи, промената на регулативите и на законите не зависи само од Министерството за здравство“, појасни Демири.