Денес на дневен ред на седница на Собранието се измените на Законот за патни исправи.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека овие законски измени се единствениот излез од хаосот со турканиците и малтретирањата на граѓаните за вадење на лични документи.
„И покрај сите лаги и заблуди дека нема да се направи хаос и дека сите граѓани во законскиот рок ќе имаат можност за промена на документите, денес потребно е пратениците од мнозинството да се одважат и притиснат на копчето ЗА измени на Законот. Над 600 илјади граѓани се во државен притвор, не можејќи да ја напуштат државата, а со тоа им се прекршени човековите права на слобода на движење само заради неспособноста на власта на ДУИ и СДС, додека стотици илјади наши иселеници се заглавени во држави во кои престојуваат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Дел од функционерите на власта претходно, во неколку наврати истакнаа дека член 118 од нашиот Устав вели дека меѓународните договори коишто се ратификувани во парламентот се дел од нашиот внатрешен правен поредок и не можат да се сменат со закон.
На дневен ред е и изборот на член на ДИК, како и законот за игри на среќа на трето читање, откако претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот.