11 општини од Вардарскиот и Југоисточниот плански регион со поддршка на ЕУ започнуваат иницијатива за формирање на „Организација за управување со дестинација“ (ОУД) и се поврзуваат со донатори, граѓански организации и приватни компании со цел развивање на висок потенцијал за различни видови туристички активности, како што се вински и културен туризам, пешачење, велосипедизам, риболов, здравствен туризам и многу повеќе.
Целокупната активност се спроведува во рамки на Програмата „ЕУ за општините“ која е финансирана од страна Европската Унија.
Досега, Вардарскиот и Југоисточниот плански регион имаат добиено разновидна поддршка од повеќе донатори за теми поврзани со развојот на туризмот. Регионот беше дел од проектот за локална и регионална конкурентност во туризмот (ПЛРК) финансиран од Европската Унија (ЕУ).
Извештајот за евалуација на проектот ја нагласува важноста од формирање на регионална „Организација за управување со дестинација“ (ОУД) во овој регион за да се зголеми неговата видливост на национално и меѓународно ниво и да се искористат синергиите меѓу локалните актери.
Делегацијата на ЕУ во земјата нуди продолжување на поддршката за оваа иницијатива преку Програмата „ЕУ за општините“. Тоа вклучува експертиза за организациона поставеност (статути, описи на работни места, акционен план, буџетско планирање итн.), финансирање студиски патувања или практикантство во регионите во земјите-членки на ЕУ, градење капацитети за персоналот, поврзување со организации и институции во земјите членки на ЕУ, во рамки на проектните услови и буџет.
Француската амбасада, од своја страна, ќе понуди поврзување и можно збратимување со региони во Франција. Регионот Алзас е подготвен да биде домаќин на студиско патување и да понуди дополнителни практикантски програми со цел градење на капацитетите на ОУД на Вардарскиот и Југоисточниот плански регион.