25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

„Редуцирај. Селектирај. Рециклирај“ во Карпош: Зелената иднина почнува со најмладите, учиме за одржливост преку игра и креативност

Градинката „Орце Николов“ во општина Карпош беше домаќин на кампањата „Редуцирај. Селектирај. Рециклирај.”, организирана од Центарот за одржлив развој „Алка”. На ова еколошко патување кон еколошката свест најмалите се запознаа со значењето и убавината на рециклирањето, за што им помогнаа младиот актер Кристијан Ѓоргиев и уметникот Анета Божинова.

– Живееме во општество каде постојано и во огромни количини се генерира отпад за кој треба да се погрижиме сите, но особено е важно децата уште од најрана возраст да се вклучат во процесите на одржлив развој и заштита на животната средина. Преку оваа кампања, нивното креативно изразување и игра, ги учиме на важноста за редуцирањето, селектирањето и рециклирањето на отпадот, истакна претседателката на „Алка“, Елизабета Ѓорѓиевска.

Директорката на градинката „Орце Николов“ Надица Гировска се заблагодари што понеделнички денот на децата им почнал со важна едукација на тема животна средина.

– Овој настан е одлична можност нашите деца да се запознаат со основите на еколошката свест и одговорност кон животната средина. Секоја активност беше испланирана да поттикне интерес кај децата и да ги научи на практични чекори кои тие можат да ги преземат во секојдневието бидејќи тие се нашата иднина која треба да донесе промени, потенцираше таа.

Младиот актер Кристијан Ѓоргиев, кој активно учествуваше во кампањата, беше навистина изненаден од позитивната реакција на децата.

– Беше вистинско задоволство да видам колку брзо децата се вклучија во активностите и колку ентузијазам покажаа за учење на новите концепти. Верувам дека преку игра и креативност можеме да ги подготвиме нашите најмлади да бидат одговорни чувари на нашата планета, порача Кристијан.

Уметникот м-р Анета Божинова академски вајар од „Галериа КОТИ“, која водеше дел од креативната работилница истакна за значењето на рециклирањето и креативната употреба на отпадот.

– Креирањето уметност од отпад не е само начин да се изрази креативноста, туку и моќна порака за важноста на рециклирањето и преобразбата на отпадот во нешто корисно и убаво. Во текот на овие работилници, децата не само што учеа како да ги селектираат и рециклираат материјалите, туку и како тие материјали можат да се претворат во дела на уметност. Оваа активност им помага да развијат почит кон животната средина и да сфатат дека секој од нас може да придонесе кон нејзиното зачувување, додаде уметникот Божинова.

Проектот „Зелен раст за одржлив развој“ е финансиски поддржан со институционален грант, во рамките на проектот „ГОи во акција за климатските промени“ спроведуван од Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест, во партнерство со Македонското здружение на млади правници – МЗМП и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија.

Во склоп на проектот се направи Анализа на состојбата со управување со отпад на домаќинствата од општините Центар и Карпош од која произлегоа значајни препораки за подобрување на управувањето со отпадот, вклучувајќи потребата за континуирано ажурирање на законската рамка, интеграција на неформалните собирачи во системот и значителни инвестиции во инфраструктурата. Истакнати се и важноста на програмите за рециклирање, подигање на јавната свесност, едукација и интеграција на концептите на циркуларната економија. Заедничките напори и интегриран пристап се клучни за претворање на отпадот во ресурс и создавање на здрава и одржлива заедница.