24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Митрески – Дрекслер: Kонтинуирана и нeсмалена германска поддршка на патот кон ЕУ

Претседателот на Собранието Јован Митрески оствари средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Петра Дрекслер. На средбата присуствуваа и Доминик Кеберлинг, раководител на Одделот за култура и стипендии во германската амбасада и генералната секретарка на Собранието на РСМ, Цветанка Иванова.

Упатувајќи му честитки за изборот на функцијата, амбасадорката Дрекслер ја повтори континуираната и несмалена поддршка на Сојузна Република Германија на нашата земја, вклучително и на германскиот Бундестаг на патот кон ЕУ. Особено беше поздравена интензивираната парламентарна соработка на сите нивоа и размената на искуства и експертиза меѓу пратениците и службите од двата парламента. На средбата, беше пројавен интерес за преостанатите обврски на Собранието до завршувањето на овој парламентарен мандат.

Претседателот Митрески се заблагодари за честитките, повторно изразувајќи особена благодарност на германската држава и народ за изгласаната резолуција во Бундестагот, со која се оддава почит на посебноста на македонскиот народ, јазик и култура. На денот на мајчиниот јазик, 21 февруари, овој чин за нас претставува уште една потврда за прифаќањето на различностите и единственоста на секој народ, кое не треба да биде негирано ниту во Европа, ниту во светот.

Во однос на парламентарната соработка, претседателот Митрески ја издвои соработката за независно полициско обезбедување со Бундестагот и практиките кои германските експерти ги споделуваат со нас за заокружување на овој процес. Истиот е значаен од многу аспекти, но се издвојува заради концептот на целосно издвојување на Собранието како законодавна власт, вклучително и на ниво на независна администрација и на ниво на финансиска самостојност.