Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, најави кривична пријава против градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, претседателот на Советот на Општина Ѓорче Петров, Ленче Нелоска, и Весна Андриевска, вработена во Министерството за транспорт и врски, откако во саботата на вонредна седница на Општината изгласан е ДУП, кој предвидува изградба на 50 згради на 240.000 квадранти метри станбени објекти.
ДУП-от предвидува и изградба на три индустриски капацитети на хемиската индустрија, на површина од над 157.000 квадратни метри.
„Ова е недозволиво и ниту јас ниту адмиистрацијата на Град Скопје нема да дозволи да помине неказнето. Нема да дозволиме еколошка катастрофа на Скопје“, рече градоначалничката.
Арсовска го опиша проектот како бетонски монструм и обвини дека е изгласан спротивно на сите процедури, со кршење повеќе закони.
Град Скопје дал две негативни мислења и забелешки што Општината била должна да ги острани и да го испрати планот во Градот, рече Арсовска додавајќи дека и покрај тоа, Општината дирекно побарала согласност од Министерството за транспорт и врски.
„Општината не ги собрала сите согласности од надлежните институции за да може ДУП-от да го стават на располагање, а и таа согласност што ја имаат од Министерството за транспорт и врски е добиена според неважечки документи. Имено, документите што биле обезбедени со висина од 5 или седум ката за зградите, сега се сменети со 14- и 20-катници, што ги прави документите неважечки“, рече градоначалничката.
Од Уставниот суд ќе побара со привремена мерка да се запре примената.