Треба нешто да промениме оти го бетонизиравме градот, емпатијата и образованието се најважни, за граѓаните да се се свесни дека секое нивно делување влијае на околината, да имаме права но да ги почитуваме и обврските, ние некако само ги бараме правата а забораваме на обврските, рече во гостувањето на „Слободен печат“ Ива Петрунова, архитект и урбан социолог.
-Градот е отпечаток само на некои наши однесувања. Колку полошо го третираме градот, ќе бидат поскапи тие процеси. Доколку не ги стопираме некои работи во Скопје, потешко ќе биде да се подобрат. Скопје може да биде многу убав град ако се однесуваме совесно, токму затоа и нашето здружение се вика „Градот убав“ инспирирано од она Скопје во моето минато, а по една прошетка по улиците ме потсетува на урбаната димензија на Скопје, додава таа.
Нејзиното здружение „Градот убав“ како носител на проектот, којшто со поддршка на Министерството за култура беше претставен на Венециското биенале на архитектура.
-Проектот за венециското биенале заврши и беше проект за 2023 година,финансиран од министерството за култура, а автори беа пет професори од Факултетот за архитектура. Поминавме одлично, прво искуство на толку важен проект, впечатоците беа одлични, проектот беше на летната школа во манастирот „Јоаким Осоговски со професори од архитектонскиот факултет, ја претставивме македонската архитектура, изложбата беше одржана во Венеција од март до ноември, со поддршка од Националната галерија. Овој проект обедини многу сектори, како и граѓанскиот сектор, вели Петрунова.
Таа вели дека граѓаните треба да почнат од себе како се однесуваат во јавниот простор, а исто така се важни и креаторите на политиките при изработката на т.н Дуп-ови кои моментално се насочени кон градење на згради.
-Според Уставот ни е гарантирано правото на животната средина, а ние излегува дека сите го кршиме правото и Уставот и затоа треба да има учење од најмала возраст. Граѓаните почнуваат со жалба, а потоа не преземаат ништо, немаат активност. Веќе не ги доживуваат како своја граѓанска обврска метењето пред дворот, чистење на снегот пред зграда итн. Поделеноста на општеството си го прави своето и се гледа на малите ситници.
Таа вели дека граѓаните се оптоварени со политички и партиски теми, сите се обвинуваат меѓусебно и се покажува прстот на соседот.