„Понижувачки однос кон вработени во МВР, како и во 2020 се гледа од новоназначените министри во техничката влада, кои ја користат новата позиција за да водат политичка кампања“ изјави Џабир Дерала од Цивил на прес-конференцијата за промоција на Извештајот од изборниот мониторинг.
Тој додаде дека „инспекцијата“ на матичните служби при МВР снимена на видео и објавена во медиумите, каде службениците се ставени во подредена и понижувачка позиција не е дел од демократскиот амбиент, ниту процес соодветен на мандатот на техничката влада.
Исто така беше истакнато дека Панче Тошковски, техничкиот министер за внатрешни работи, за само десет дена на позицијата во неговиот кабинет ангажирал 16 лица од МВР и уште две од надвор како советници.
Тоа е два и пол пати повеќе од големината на кабинетот на министерот Оливер Спасовски, кој имаше шест луѓе, вклучуваќи го и шефот на кабинетот.
„Министерот за внатрешни работи во редовниот состав имаше се на се шест советници, вклучувајќи го и шефот на кабинетот. Сега гледаме еден мега кабинет, што е чудно и мистериозно како ќе функционира“ рече Дерала.