25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Утврден е текстот на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки за повторно испраќање до Собранието

Владата на Република Северна Македонија го утврди текстот на Предлогот за закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки.

Со измените и дополнувањата на Законот за рестриктивни мерки, во законското решение се додава дека целите на овој закон, покрај обезбедување меѓународен мир, безбедност, демократија, владеење на право, се и борбата против корупцијата, злоупотребата на службената должност, како и хибридни закани врз државата.

Со измените и дополнувањата на Законот, според образложеното од предлагачот, Министерството за надворешни работи, се додаваат и правните акти на САД и Обединетото Кралство – во основите што овозможуваат користење рестриктивни мерки. Со постоечкото законско решение, Република Северна Македонија постигна стопроцентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, во однос на одлуките на Европската Унија за рестрикции – и актуелното законско решение овозможува користење рестриктивни мерки врз три основи: задолжителни резолуции на Советот за безбедност на ОН, правни акти на ЕУ и другите меѓународни организации, во коишто државата е членка, како и по барања/правни акти на други држави, поврзани само за пролиферација на оружје и тероризам. На овие основи сега се додаваат и правните акти на САД и Обединетото Кралство.

Се предлага и проширување на инструментите, односно додавање две привремени мерки за обезбедување: суспендирање од јавна функција, односно неможност за учество за кандидирање за јавна функција и неможност за учество во јавни набавки, односно аранжмани со државата, во коишто се вклучени државните фондови, пришто се дефинира и процедурата. Ќе следуваат, доколку е потребно и адаптирања на други закони согласно ова законско решение.

Исто така, ако постоечкото законско решение, како рестриктивни мерки предвидува: ембарго, забрана за влез, финансиски мерки, со измените и дополнувањата се додаваат две предвремени мерки за обезбедување. Односно, по добиена информација дека има одреден правен акт од САД, од Обединето Кралство, или од ЕУ – МНР, МВР, Јавното обвинителство и други агенции за национална безбедност и финансиско разузнавање, имаат можност за предложат до Владата рестриктивни мерки. По донесувањето на рестриктивната мерка, предвидено е Владата да го задолжи предлагачот, да ги собере и да ги пренесе и достави до Јавното обвинителство, сите информации и материјални и нематеријални факти коишто може да ги обезбеди. Според предложеното во измените и дополнувањата на законот, Јавното обвинителство е должно веднаш да отвори процедура, согласно Законот за кривична постапка, односно согласно роковите и процедурите коишто ги предвидува Законот за кривична постапка – но, согласно предлог измените и дополнувањата што денеска ги утврди Владата, јавниот обвинител е должен до судот да побара веднаш привремени мерки за обезбедување.