24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Ново зголемување на пензиите во март!

Со новата методологија за усогласување на пензиите конечно е обезбедено системско решение за постојан раст на пензиите, два пати годишно.

Во месец март оваа година се очекува повторно да се зголемат пензиите, а за колкав процент ќе биде зголемувањето ќе дознаеме откако ќе излезат официјалните податоци од Државниот завод за статистика.

Заменик министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во емисијата на Слободен печат побара трпение прво да излезат официјалните податоци.

-Не би зборувала за процент, а ниту за некакви рамки, затоа што секоја рамка се зема здраво за готово и се манипулира со пензионерите и затоа ќе ги почекаме официјалните податоци. Но она што е факт е дека од март 2022 до крајот на 2023 година, пензиите се покачија за 24%. Никогаш претходно немало такво зголемување на пензиите за толкав период, посочи Тренчевска

Тренчевска додаде дека методологијата за усогласување на пензиите е трајно решение во корист на пензиите и дека тоа ниту денес ниту во иднина нема да зависии од нечија политичка волја.

-Во изминатите две години направивме навистина многу во делот на системско решавање на пензиите и новата методологија што беше донесена и поздравена од Сојузот на пензионери, од Партијата на пензионерите и од многу пензионери, дава резултати. Резултати има на краток, но многу повеќе на среден и долг рок и тоа пензионерите го чувствуваат затоа што два пати во годината се врши усогласување на пензиите согласно порастот на трошоците за живот, односно инфлацијата и растот на просечната плата. Ако погледнеме наназад, минималната пензија во 2017 година беше 6.000 денари денес најниска пензија е 13.200 денари и за еден месец повторно ќе имаме раст на пензиите и таа ќе го зголеми, порача Тренчевска.

Усогласувањето на пензиите според швајцарски модел се случува два пати годишно и се врзува за порастот на трошоците за живот со 50 проценти и за растот на просечната плата со 50 проценти.

Ако се вратиме неколку години назад,  од промената на власта во 2017 година досега за 50% е зголемена минимална пензија и за 40% е зголемена просечната пензија.

Во бројки, во време на ДПМНЕ просечната пензија изнесувала 13.754 денари, или нешто над 200 евра. Во 2023 година, просечната пензија е покачена на околу 20.000 денари, што е зголемување од околу 6.000 денари, односно 100 евра.

Со воспоставената методологија за усогласување на пензиите, покачувањето на пензиите веќе не зависи од нечија политичка волја, туку се усогласува на секои шест месеци врз основа на растот на трошоците за живот и на просечната плата.