25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Костадиновска-Стојчевска: Новиот Закон за употреба на македонскиот јазик е одговор на новите предизвици кои бараат зголемена грижа на државата за правилна употреба на македонскиот јазик

„Новиот Закон за употреба на македонскиот јазик е јасен и прецизен одговор на новите предизвици кои бараат зголемена, организирана и системска грижа на државата за правилна употреба на македонскиот јазик и на неговото кирилско писмо. Во една широка и транспарентна дебата, изработивме современо правно решение, кое што нуди одлични решенија за унапредување на состојбите во јазикот. Во изработката беа вклучени голем број на поединци и институции, извонредни познавачи на македонскиот јазик, кои дадоа голем придонес и со своите искрени намери покажаа како се сака, чува и брани темелот на нашиот идентитет, вели Бисера Костадиновска Стојчевска во интервју за Прес 24.

Таа додаде дека во пракса очекува позитивни ефекти, особено поради фактот што со Законот се прецизираат и се прошируваат сферите во кои е задолжителна употребата на македонскиот јазик (во законодавната, извршната и судската власт и во дипломатско-конзуларните претставништва, во локалната самоуправа, во јавните установи и претпријатија и сл.).

„Законот предвидува задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување на лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власт, нешто што гарантира дека ќе се зголеми интересот за студирање македонски јазик.Законот предвидува формирање на Инспекторат за употреба на македонскиот јазик, тело во состав на Министерството за култура, кое има обврска да ја следи правилната употреба на македонскиот јазик. Интензивно коминицираме со Инспекцискиот совет и со Министерството за правда и наскоро ова тело ќе се екипира со стручни кадри и ќе започне да функционира. Се надевам дека механизмите на контрола ќе бидат мотив, а не пречка во унапредувањето и правилната употреба на македонскиот јазик“, посочи Костадиновска-Стојчевска.

Таа додад дека од овој закон поизлегува и важната иницијатива за стипендирање ученици од четврта година средно образование и на додипломски, магистерски и докторски студии, со што се прави голем исчекор кон мотивирање на младите за проучување на македонскиот јазик.

„Задоволна сум што овој закон како да ја потврди нерелевантноста на една теза која често ја слушавме за загрозеноста на македонскиот јазик. Имаме генерации македонисти кои низ многу истражувања и вредни научни трудови го штитат, промовираат и ја етаблираат посебноста на македонскиот јазик низ светот. Сите ние, институциите, образовниот систем, медиумите, семејството имаме заедничка одговорност и обврска да ја развиваме свеста од потребата за правилна употреба на стандардниот македонски јазик. Сите можеме и мораме да дадеме придонес кон заштитата на нашиот јазик, симболот на нашиот културен идентитет и национална гордост“, Костадиновска-Стојчевска.