25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Искуство на Хрватска и Словенија се доказ за потенцијалот за заеднички раст и просперитет во рамките на Европската Унија

Македонија е на крстопат во евроинтегративниот процес. Во период кога пристапувањето на земјава во Европската Унија е повторно ставено на тест, доволно е само да се погледне во соседството за да се забележи трансформативната улога која членството ја имаше врз земјите со кои до пред три децении живеевме во една поинаква заедница – Хрватска и на Словенија.

Но, придобивките од интеграцијата, не се чувствуваат само по пристапувањето во Унијата. Земјите-кандидатки на располагање имаат голем број на програми и механизми со кои ЕУ го поддржува исполнувањето на политичките и економските критериуми и способноста за преземање на обврските за членство преку спроведување на опсежни реформи во сите области.

Позитивната трансформација на економскиот, социјалниот и општествениот живот во Македонија со помош на ЕУ ќе придонесе и за подобро разбирање на реформите кои ќе овозможат понатамошен развој на државата по европски стандарди и градење на европска иднина, дома.

Една декада за Хрватска и речиси две од влезот на Словенија во Европската Унија, многумина во овие две држави веќе и не го паметат периодот пред членството, туку придобивките кои дојдоа потоа. Одлуката да станат членки на ЕУ не беше само политички потег, туку и стратешки чекор кон економската стабилност, културна заштита и социјална интеграција.

 

Влезот во ЕУ го зголеми економскиот раст на Хрватска и Словенија!

Најопипливата придобивка од членството е секако економскиот раст. Пристапот на Хрватска и Словенија до единствениот европски пазар на овие две земји им ги прошири можностите за извоз и овозможи на бизнисите да напреднуваат во својата работа.

Елиминацијата на трговските бариери и усвојувањето на еврото дополнително помогнаа кон интеграција на европскиот пазар, а странските директни инвестиции кои се влеаа во двете земји дополнително го зголемија развојот. Двете држави според последните статистички податоци имаат и ниско ниво на невработеност, од 3,6 во Словенија до 6,2 во Хрватска. Минималната плата пак, во Хрватска изнесува 700, а во Словенија 1.200 евра.

 

Со европски пари се изгради „Пелјешки мост“

Европската Унија имаше и клучна улога во инфраструктурниот развој на овие две земји. Најдобар доказ за тоа е Пелјешки мост, најголемиот хрватски инфраструктурен проект кој беше финансиран од ЕУ со грант од 357 милиони евра. Но, не е само поддршка за инфраструктурни проекти, хрватските власти два пати аплицираа и добија помош од фондот за солидарност на ЕУ по серијата земјотреси кои ја погодија земјата. Вкупното финансирање за Хрватска изнесуваше над 1 милијарда евра, кои хрватските власти целосно ги искористија во мај 2023 година.

 

ЕУ ги штити хрватските и словенечките производи

И во Словенија и во Хрватска, членството во Унијата не само што обезбеди финансиска поддршка за земјоделците, туку и го олесни усвојувањето на современи земјоделски практики, подобрена инфраструктура и зголемени пазарни можности. Усогласувањето со европските стандарди придонесе за севкупното подобрување на земјоделскиот сектор во двете земји. Како дел од Унијата, двете земји ја користат и европската заштита за одредени производи, како на пример Далматинската пршута, Славонскиот кулен или пак словенечкиот мед.

Со европското знаменце се заштитени автентичноста и квалитетот на сите производи кои се поврзани со одреден географски регион или имаат традиционални методи на производство.

 

ЕУ помага во зачувување на културното наследство

Членството во ЕУ помогна да се обезбеди финансиска поддршка за зачувување на културното наследство во двете земји. Финансирањето од ЕУ за културни проекти, овозможи реставрација и одржување на историските локалитети, музеи и уметнички галерии. Ова не само што го заштитува културниот идентитет на двата народи, туку и го промовира туризмот, сектор кој доживеа значителен раст како резултат на тоа.

 

Хрватска и Словенија се дел од Шенген

Покрај економските и културните придобивки, клучна улога има и социјалната интеграција. Слободата на движење во рамките на Унијата им овозможи на граѓаните на Хрватска и Словенија да учат, работат и живеат во различни земји-членки. Оваа интеграција ја подигна глобалната положба на двете земји, и нивната позиција во рамки на Унијата.

Влезот на Хрватска и Словенија во Европската унија е приказна за трансформација и напредок. Придобивките, кои се движат од економски просперитет и развој на инфраструктурата до зачувување на културата и зајакната глобална положба, го нагласуваат позитивното влијание на членството во ЕУ. Нивните приказни служат како доказ за потенцијалот за заеднички раст и просперитет во рамките на Европската Унија.