Миќо Стојановски, претседател на Синдикатот на вработените во ЈСП Скопје порача дека во ЈСП и раководството на ЈСП од 4:40 до 9 часот градскиот превоз функционирал нормално, но како ќе функционира потоа и како ќе се однесуваат вработените во ЈСП зависи од денешната седница на градското собрание.
„Затоа се собравме денеска во голем број да извршиме еден мал притисок врз советниците на град Скопје кои веќе неколку месеци ја ескивираат и не ја носат одлуката за субвенционирање на буџетот. Ако денеска седницата на советот на град Скопје заврши онака како што вработените и синдикатите сакаат, не сакаат туку мора така да заврши тогаш во попладневните часови или во вечерниот термин јавниот градски превоз ке функционира нормално“, вели Стојановски.
Според него, ако парцијално биде донесена одлука на вработените не им одговара затоа што се ближат избори кога не ќе можат да се донесуваат одлуки тогаш јавниот градски превоз во наредниот период ќе биде стопиран и нема да се одвива на улиците на град Скопје.
„Приватните превозници денеска возеа до 9 часот исто како нас и нема да возат се додека не се договориме, со нив сме заедно и тие зависат од цената на субвенцијата што ЈСП ја добива. Има некаде околу 400 вработени, тоа е 25 отсто и тоа е сосема доволно бидејки тука нема простор да не собере сите“, додаде Стојановски.
Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ утрово од 9 часот се повлекоа во двете автобази во Автокоманда и во Ѓорче Петров. Таму од 10:30 часот протестираат и ќе го чекаат исходот од вонредната седница на Советот на Град Скопје, закажана половина час подоцна, на која ќе се расправа и треба да се одлучи за исплата на субвенции на ЈСП за декември во износ од 11 милиони евра.