„Толку голема зла крв, омраза и примитивизам е внесена во лагата за изгубените идентитетски посебности на Македонците, за опасноста од географската додавка „северна“ во името на државата, за загубата на јазикот, на историското минато, што уште долги години ќе остане во колективното помнење како ‘продон псеудос’, татко на сите лаги, која кога еднаш ќе се искаже мора постојано да се лаже, дури и кога станува очигледно што во изминатите 32 години ништо не е променето од идентитетските обележја на македонскиот народ“ пишов Ерол Ризаов во неговата колумна за „Дојче веле“.
Тој додава дека идентитетските обележја се зајакнати до степен кога стануваат пречка на патот кон целосно граѓанско општество, што заедно со членството во ЕУ и во НАТО е главниот предуслов за изградба на современо демократско и просперитетно европско општество.
Според него, сите овие лаги за предавство и за загубените национални интереси ќе потраат до конечното членство на Македонија во ЕУ и во колумната прави паралели на македонското општество сега, со хрватското пред членството во ЕУ.
„Сите стравувања што ги имаа Хрватите околу јазикот и националните интереси, посебноста, идентитетот, економската колонизација со приемот во ЕУ исчезнаа. Но, ништо не разгорува антиевропско расположение толку многу како бесконечното чекање“ заклучува Ризаов.
Тој кажува дека населението во Хрватска било и евроскептично пред влезот во ЕУ, а на референдумот за членство само 29 отсто од вкупниот број гласачи гласале потврдно. Половина од Хрватите во 2005 година сметале дека со членството во ЕУ ќе го загубат правото на својот јазик, но многумина стравувале дека ќе ги загубеле и националното признавање и идентитет.
„Мнозинството граѓани денес веруваат дека членството во ЕУ има многу повеќе предности отколку недостатоци. Земјата е позаштитена од кога било досега. Малкумина денес тврдат дека Хрватска го загубила својот суверенитет со влезот во Унијата. Напротив, таа профитираше во економска, политичка и безбедносна смисла токму поради членството во ЕУ и во НАТО. Се покажа дека членството во ЕУ и во НАТО ја зголемува моќта на малите земји“ заклучува Ризаов.