25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Богоев и директорот на српска Царина потпишаа Меморандум за признавање на кантарските белешки – камионите од први февруари ќе се вагаат само еднаш

Од први февруари македонските компании кои увезуваат или извезуваат во Србија и обратно, камионите со стока ќе ги мерат само еднаш. Истото ќе се однесува и за стоки кои транзитираат низ двете држави. Директорот на Царинска управа на РС Македонија Стефан Богоев и директорот на Царинска управа на Србија, Бранко Радујко денеска потпишаа Меморандум за признавање на белешките од мерење на царинските терминали т.н. кантарски белешки помеѓу двете земји.

Говорејќи за значењето на потпишаниот протокол, Богоев истакна дека заклучно со ноември 2023 година трговската размена со Србија изнесува 985,9 милиони евра, при што извозот е 365,9 милиони евра или 2,9 проценти повеќе од претходната година. Притоа целиот увоз, извоз и транзит се одвива преку граничниот премин Табановце на кој минатата година на влез се евидентирани речиси 140 илјади товарни моторни возила, а на излез 170 илјади камиони.

„Сите овие товарни возила на влез и на излез се мереле два пати, еднаш во Македонија и еднаш во Србија, а со потпишување на денешниот Протокол за признавање на т.н кантарските белешки овие товарни возила како што кажав ќе се вагаат само еднаш, што за компаниите ќе значи заштеда на време и пари. Ветив дека Царинската управа ќе делува како партнер на бизнис заедницата, се со цел создавање услови за зголемување на нивната конкурентност на меѓународниот пазар. Чекор по чекор со ваквите мерки овозможуваме остварување на тие цели“, вели Богоев.