25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Меџити: Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ доби современ апарат за литотрипсија и нов апарат за мамографија

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска беше во посета на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ по повод промоција на нова апаратура – современ апарат за литотрипсија и нов апарат за мамографија со томосинтеза и стереотактична биопсија на дојка.

Во продолжение, Ви го пренесуваме неговото обраќање во целост:

„Повод за денешната посета на Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ е промоција на нова апаратура.

На одделот за урологија, опремени се посебни простории и првпат досега во установата е инсталиран нов современ апарат за литотрипсија, во вкупна вредност од 42 милиони денари.

Воведуваме патологија која досега не можеше да се третира во оваа установа, а со тоа се врши и проширување на спектарот на процедури кои можеме да им ги понудиме на пациентите.

Се очекува годишно да се третираат стотина пациенти со оваа патологија, кои по интервенцијата би се задржале само еден ден, или пак, истиот ден би се пуштале дома, што е голем бенефит за пациентите, а секако и за здравствената установа.

Исто така, денес го промовираме и новиот апарат за мамографија со томосинтеза и стереотактична биопсија на дојка, инсталиран во новиот оддел за радиодијагностика во кој имаме два кабинети за дојка.

Инсталиран е и нов ултразвучен ехо колор доплер за ЕХО на дојка, со што истовремено ќе се врши мамографија и ЕХО на дојка.

Користењето на томосинтезата како дополнителна алатка при скрининг ги зголемува стапките на откривање канцерогени промени, со што се подобрува ефикасноста на програмите за скрининг за рак на дојка.

Ја користам оваа прилика да потсетам дека и годинава продолжува националната скрининг програма за рано откривање рак на дојка“, изјави Меџити.