24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Инженерите веруваат државата може сама да го изгради „Чебрен“, Ковачевски е за приватен инвеститор

Здружението на инженерите на Македонија поднесе иницијатива да се донесе закон за изградба на „Чебрен“ со македонски сили.

Иницијативата е доставена до Владата, премиерот, до сите министри, до Собранието, до претседателот на Собранието и до сите пратеници.

Со иницијативата се предлага да се донесе закон за финансирање на изградбата на водостопанско-енергетските објекти со име „Проект Чебрен“ како интегрално решение по должината на сливот на Црна Река како составен дел од стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година.

„Целта на оваа иницијатива е активностите на државните институции, кои ќе бидат делегирани за спроведување на овој капитален проект од стратегиски интерес за државата, да се стават во законски рамки за да се овозможи непречена реализација, без обѕир која политичка партија ја формира владата“, велат инженерите.

Според нив, Македонија може финансиски да го поднесе овој проект преку интелигентно финансиско управување.

Премиерот Димитар Ковачевски, од друга страна, смета дека од финансиски аспект добро е да се има приватен инвеститор бидејќи на тој начин не се оптоварува јавниот долг со нови задолжувања.

„Земете ги како пример САД, најголемите енергетски капацитети се на приватни корпорации. Го почитувам мислењето на Здружението на инжиенерите, тие се искусни. Некои се присутни во научната и практичната сфера четири децении. Четири децении тие капацитети не се изградени во државата. Лани, за справување со енергетската криза, работевме со капацитети стари по 45 години, 84 години руска технлогоија се и Битола и Неготино. Работеа со полн капацитет благодарение на вработените таму“, рече Ковачевски одговарајќи на прашање на оваа тема.

Во однос на гасно-водородните централи, кои ќе се градат во Неготино и Битола, според Ковачевски, најдобро е да се градат со „Генерал електрик“ од САД оти се работи за врвна технологија и држава која е стратешки партнер.