25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Пуштен во употреба нов инвестициски проект на „Алкалоид“ вреден 3,8 милиони евра

Од 2017 до 2023 година „Алкалоид“ АД Скопје има пуштено во употреба 10.720 m2 фармацевтски капацитети и има инвестирано 18,6 милиони евра на локалитетот во Автокоманда

Следењето на светските трендови во фармацијата и во производството на ценовно достапни, квалитетни, ефикасни и безбедни лекови, кај кои заштитниот знак на „Алкалоид“ е синоним за квалитет и за сигурност, се принципите кои се цврсто втемелени во корпоративната политика на компанијата. Во согласност со тековниот план за капитални вложувања (CAPEX 2017-2037), „Алкалоид“ од 2017 година наваму има пуштено во употреба неколку нови фармацевтски капацитети, кои вклучуваат: погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми (масти, кремови и гелови), погон за пакување лекови, вагална за мерење суровини и магацински простор за складирање суровини.

Во присуство на претставници на менаџментот на компанијата, предаден е во употреба уште еден успешно реализиран инвестициски потфат во рамките на профитниот центар Фармација. Станува збор за нов објект кој обезбедува централизирано решение за подготовка и за движење на вработените низ производствените погони во Производство –
Фармација, со повеќе од 900 гардеробни места наменети за вработените. Комплексноста на оваа инвестициска фаза произлегува од потребата за функционална поврзаност со сите производствени целини на локалитетот – производство и пакување цврсти, полуцврсти и течни фармацевтски форми – кај кои се практикува различен пристап во процесите, при што вработените добиваат уште подобри услови за безбедна работа. Вкупната површина на новиот објект изнесува 4.100 m2, за чија изградба и опремување се вложени 3,8 милиони евра. Покрај сервисните простории, овој нов објект ќе вклучува и изложбени поставки од 88-годишниот историјат на компанијата.

Со ова „Алкалоид“ ја заокружи првата четвртина од 20-годишниот инвестициски план, со предадени во употреба 10.720 m2 фармацевтски капацитети и со вложени 18,6 милиони евра.

Наскоро „Алкалоид“ планира заокружување на уште еден нов крупен инвестициски потфат – Таблетно одделение 2.0 – чија цел ќе биде диверзификација и значително зголемување на производствените волумени за цврсти фармацевтски форми.