23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Шкријељ: Деинституционализацијата и фактот дека немаме веќе деца во големи безлични институции за мене е едно од најголемите достигнувања во делот на човековите права кое го направивме

„Деинституционализацијата и фактот дека немаме веќе деца во големи безлични институции за мене е едно од најголемите достигнувања во делот на човековите права кое го направивме како држава. Животот во мал групен дом не се споредува со оној во институција, вниманието, грижата, семејната атмосфера. Без разлика дали станува збор за дете со попреченост, дете без родители, дете со воспитно социјални проблеми, децата се деца и секое дете заслужува дом и семејна атмосфера“, изјави Санела Шкријељ пратеничка во македонското Собрание и долгогодишна активистска за правата на жените, маргинализираните заедници и лицата во ризик во интервју за „Трн.мк“.

Таа додаде дека е горда и благодарна што имала можност да биде дел од тимот кој го започна тој процес во 2017 година, заедно со тогашната министерка Мила Царовска.

„Неверојатна беше посветеноста на целиот тим заедно со граѓанските организации, УНИЦЕФ, ЕУ и сите останати партнери да се оствари таа амбициозна цел, прво да немаме веќе деца во институции, а потоа секако и возрасните. Сите се сеќаваме на епизодата со малиот групен дом во Тимјаник, место кое стана симбол на деинституционализацијата, но и на хуманоста која ја има во нашето општество. За сите нас кои бевме дел од тој процес, Тимјаник беше многу важна лекција за тоа дека мора да сме упорни, храбри и дека не смее да има откажување од борбата кога се во прашање човековите права. Но и лекција за човечноста и хуманоста, емпатијата која успеа да победи и да го обедини македонското општество“, потенцираше Шкријељ.

Пратеничката заклучи дека деинституционализацијата е долгорочен процес, кој не застанува и денес и Министерството за труд и социјална политика како врвен приоритет го поставува ова прашање.