23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Шкријељ: Усвоивме значајни измени на Кривичниот законик во Февруари 2023 година, со кои се регулираат кривичните дела на родово засновано насилство

„Насилството врз жените и девојчињата продолжува да биде една од најраспространетите повреди на човековите права и глобално низ целиот свет, а и кај нас. Усвоивме значајни измени на Кривичниот законик во Февруари 2023 година, со кои се регулираат кривичните дела на родово засновано насилство, но бројот на фемициди и кај нас и во регионот расте. Бројот на услуги кои обезбедуваат заштита и поддршка на жените кои се соочуваат со насилство е значително зголемен, но повторно секојдневно сме сведоци на случаеви на родово засновано насилство“, изјави Санела Шкријељ пратеничка во македонското Собрание и долгогодишна активистска за правата на жените, маргинализираните заедници и лицата во ризик во интервју за „Трн.мк“.

Таа додаде дека причините лежат во се уште патријархалното општество и нееднаквата дистрибуција на моќ меѓу жените и мажите.

„Реалноста е дека многу од жените и не го пријавуваат насилството. Стравот од осуда од околината, предрасудите, изгубената доверба во институциите, финансиската зависност од партнерот, но и фактот дека многу мал број од жените во Македонија поседуваат имот на свое име се едни од најчестите причини поради кои значителен број жени остануваат под ист покрив со насилникот. Од друга страна, постапувањето на надлежните институции кога има пријава за насилство мора да биде поефикасно“, потенцираше Шкријељ.

Таа додаде дека значајна пречка за да се охрабрат жртвите да пријават насилство е и неефикасноста на судските постапки.

„Благата казнена политика на судовите е исто така значаен инхибирачки фактор кај жртвите на семејното насилство во поглед на пријавувањето на овие кривични дела до надлежните органи. Сметам дека единствен начин да превенираме насилни обрасци на однесување во семејството и во општеството е преку образованието, започнувајќи уште од предучилишното образование. Родовата еднаквост мора да биде еден од основните постулати на образованието. Само на тој начин можеме да градиме генерации кои растат со вредностите на еднаквост и ненасилна комуникација“, заклучи пратеничката.