18.8 C
Скопје
21. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Гласниот молк на премолчувачите на опасната ролја на Мицкоски

Гласниот молк на премолчувачите на опасната ролја на Мицкоски

Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ

Во оваа прилика сакам да изразам благодарност до Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ и нивните пајташи што ни ја упропастуваат шансата да пропаткаме кон семејството на земјите од ЕУ.

Благодарност и до нашите извикани ЕУ-експерти што хистерично и од чиста суета со осудата на најавените уставни измени фактички ги поддржаа небулозните тези диктирани од белата палата.

Исто така благодарност и до невладините организации финансирани со пари од Европската унија што силно се залагаа за неносењето на уставните измени и попречувањето на патот на Македонија во ЕУ. Нереакцијата на овој феномен на претставниците од ЕУ во Македонија и на амбасадите што ги колкаат евроскептиците со милиони мора да е од офталмолошка природа. Друго објаснување немам.

Секако упатувам огромна благодарност и до медиумите и колумнистите кои сесрдно се испотепаа да го нас’скаат народот дека со внесувањето на Бугарите во Уставот ќе сме си го изгубеле македонсикиот ни идентитет и државата.

Тенкју анд факју!

Никој од премудрите аналитичари што го критикуваат носењето на уставните измени не објаснува како со пикање на уште неколку заедници во несреќната ни Преамбула во Уставот ќе биде загрозена државата, идентитетот, јазикот… Па дури ни онаа несреќа Мицкоски не се расфрла повеќе со таа мантра. Ама пази што вели тој – Да за Бугарите во Уставот, ама не под Бугарски диктат. Ќе имаат после и други барања!?

Мицковата може да е супер зачмаена логика на просечен токмак, ама ова да го вели лидер на партија што претендира да биде премиер и притоа да му поминува во јавноста е сериозна индиција дека нешто ептен ни е фалшиво во општествениот демократски контекст во целина.

Па билмез еден, ако некогаш имаат други барања што нема да ни одговараат, ништо нема да не спречи да се откажеме тогаш. Зошто сега да си ставиме сами на себе сопка кога ова бенигно барање за внесување на Бугарите може да го искористиме како аргумент, наша волја за кооперативност, па после, евентуално нели, да ја обвиниме Бугарија дека поставува нови и ирационални барања. Преговорите се под капата на ЕУ, да ги направиме уставните измени како што е предвидено во Преговарачката рамка, па одиме натаму со кластерите. Значи чим влегуваме во рамка, не е повеќе билатерално, што прави голема разлика. Просто како грав.

Искусниот новинар и политички аналитичар Ерол Ризаов, во изјава за Фронтлајн, многу прецизно вели дека „се вади милитантен арсенал за наводно предавство, има сериозни сили кои се против членството во ЕУ“.

„Сведоци сме како со години се одбегнува да бидат донесени одлуките за европеизација на Македонија. Притоа се вади милитантен арсенал со кој се алармира јавноста за предавства и распродажба на националните интереси, на македонскиот идентитет, на јазикот, на историјата, се тврди дека никогаш нема да влеземе во ЕУ, што сè заедно предизвикува голема конфузија кај граѓаните. Тоа е сеење на отров што кај голем број граѓани предизвикува слепило да не се видат јасно работите, вели Ризаов.

Просто неверојатно како отровот поминува, а разумот патува некаде далеку и не се допира со реалноста.

Уши пара гласниот молк на поддржувачите, а уште повеќе на премолчувачите на изведената евроскептичка кукавичка ролја на Мицкоски одиграна за да ѝ стави јаже на врат на Македонија и да ги угуши надежите за просперитет на граѓаните и државата.

Ако, еве само за момент се земат како релевантни резултатите од наштелуваните анкети на налудничавите, тогаш на овие неранимајковци свесно им се дава шанса да ни ја ебат перспективата за членство во ЕУ во недогледно време.

Не чувствувате ли малку страв и одговорност?

Текстот е личен став на Авторот.

Извор: Frontline.mk