Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на научниот собир на тема „80 години од холокаустот на македонските Евреи“, што во организација на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите, во соработка со Филозофското друштво на Македонија, Еврејската заедница на Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, се одржа под негово покровителство во МАНУ.
Пендаровски истакна дека појавата на антисемитизмот е вид на рано предупредување за секоја заедница. Иако почнува како омраза насочена кон Евреите, антисемитизмот никогаш не завршува само со Евреите затоа што бргу се свртува и против другите поинакви и ранливи категории луѓе.
„За да не се шири, антисемитизмот мора да се превенира. Тоа се прави со спротивставување на историскиот ревизионизам и чување на историската вистина за холокаустот, преку едуцирање на младите и подигнување на свеста на јавноста. Но, истовремено и со санкционирање на секој обид за негирање, минимизирање, одобрување или оправдување на холокаустот и делата извршени од националсоцијалистичките режими, како што направивме ние со последните нивелирања на Кривичниот законик, со кои го санкциониравме антисемитизмот“, рече претседателот.
Потсети дека годинава се навршуваат и 70 години од основањето на Меморијалниот центар „Јад Вашем“.
Нашите институции, според Пендаровски, се должни да ги спроведат во целост обврските што како држава ги презедовме на меѓународниот форум за холокаустот, оддржан во октомври 2021 во Малме.
„Северна Македонија треба да го поддржи Меморијалниот центар на холокаустот на македонските Евреи и секој истражувачки проект во напорите да се зачува споменот за нашите сограѓани Евреи, кои беа убиени во логорот на смртта Треблинка. Но, освен спомените за жртвите, ние треба да се грижиме и за спомените на преживеаните и на оние што помогнале да се спасат Евреи“, рече тој.
Оцени дека иако со научниот собир се заокружува одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, нашата работа, како што порача, допрва почнува.
„Ова нека биде поттик за истражувачите да ги пребараат нашите, но и странските архиви, за да можеме да го дополниме списокот на луѓето што со својата хуманост и храброст се спротивставиле на злото на холокаустот. Воедно, ни останува уште многу работа за да ги зачуваме спомените за депортираните Евреи и со тоа да ја заштитиме историската вистина од секој обид за ревизионизам. Бидејќи, како што вели една стара сефардска мудрост: Сим меморија но ај авенир – без сеќавање, нема иднина“, рече Пендаровски.