26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
.МАКЕДОНИЈА

Владата одобри 120 милиони денари за 39 проекти за развој на селата

За финансирање на проекти за развој на села Владата одобри 120 милиони денари за 39 проекти, кои ќе го забрзаат руралниот развој и ќе допринесат во премостувањето на јазот меѓу градовите и селата, пишува порталот „Рацин.мк“.

Овие средства се дел од Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во планските региони и зголемување на регионалната конкурентност. Во рамки на програмата се издвоени вкупно 800 милиони денари или околу 13 милиони евра за 129 проекти од буџетската Програма за рамномерен регионален развој се насочени како директна поддршка на инклузивниот регионален развој за проекти можности за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во урбаните и руралните средини во сите 80 општини во целата држава.

440 милиони денари се наменети за 29 регионални проекти кои ќе се реализираат преку осумте плански региони, додека пак 360 милиони денари се наменети за 100 локални проекти кои ќе се реализираат преку единиците на локалната самоуправа, а ги опфаќаат сите 80 општини за намалување на разликите во можностите за економски и социјален развој на граѓаните помеѓу урбаните и руралните средини.

Она што е вредно да се издвои е дека оваа година поддршката за рамномерен регионален развој од 800 милиони денари, е речиси двојно поголема од минатата година кога беа поддржани 29 проекти во вкупна вредност од 422 милиони денари.

Од Владата велат дека политиките за рамномерен регионален развој се високо позиционирани меѓу приоритетите на извршната власт на Република Северна Македонија, пишува „Рацин.мк“.