18.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Норвешка, Кристин Мелсом

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Кристин Мелсом, новоименуваната амбасадорка на Кралството Норвешка во Република Северна Македонија, со седиште во Белград.

Претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма изрази задоволство од одличните билатерални односи и од успешната соработка помеѓу двете пријателски земји коишто се негуваат преку одржување на континуиран политички дијалог. Посочувајќи дека Кралството Норвешка, иако не е земја членка на Европската Унија, активно придонесува во процесите на европската трансформација на македонското општество, претседателот Пендаровски нагласи дека двете земји како членки на НАТО, се блиски сојузници коишто ги споделуваат истите безбедносни предизвици, обединети во одбраната на меѓународниот поредок, заснован на правилата и демократските вредности. Тој оцени дека постои голем неискористен потенцијал и простор за дополнително продлабочување на соработката, особено на економски план и во тој контекст упати порака до бизнис-заедниците и трговските комори од двете страни за зголемување на трговската размена, да се искористат економските потенцијали и да се иницираат инвестиции во ИТ-секторот и во енергетиката.

Амбасадорката Кристин Мелсом во својот говор потенцираше дека билатералните односи меѓу двете земји се темелат на цврста основа на историско пријателство и истакна дека тие ќе продолжат да се развиваат и натаму. Таа ја нагласи нашата посветеност на реформите во одбраната, како заеднички приоритет во билатералната агенда и ги истакна соработката во воено-медицинската област, посетите на нашите службеници на Норвешка за обуки и размена на идеи, како и соработката во рамките на Воените академии на двете земји. Амбасадорката Мелсом рече дека Норвешка ќе продолжи да ја поддржува интеграцијата и соработката во Европа, оддавајќи признание на извонредните достигнувања во нашата земја во последните години и додаде дека Норвешка е оптимист дека Северна Македонија ќе добие зголемена поддршка од земјите-членки на Европската Унија.

Претседателот Пендаровски на амбасадорката Мелсом и посака успешно извршување на значајната, благородна и одговорна функција и изрази уверување дека во вршењето на нејзините дипломатски должности ќе ги ужива потребното внимание и поддршка.