21.8 C
Скопје
19. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски за „Слободен печат“: Немаме алтернатива за ЕУ, тоа „ќе ви кажеме кога ќе дојдеме на власт” – не е одговор!

Во интервју во утринската емисија „Слободен печат“ на Слободна ТВ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше запрашан колку е важна помошта на Европската Унија, во материјална смисла, со цел поддршка на процесите на развој во функционирањето на државата.

„И ЕУ и нашиот стратешки партнер САД сериозно помагаат не само сега – во сите 30 години од независноста на РСМ – во јакнењето на капацитетите на институциите, во јакнењето на системот, и токму заради тоа овие два објекти ви ги спомнав – објектот во Прилеп и Одделот за форензички испитувања – се пари од ЕУ, директно финансиран проект од ЕУ. Исто така, и во делот на миграција, во делот на набавка на опрема за следење односно чување на нашата граница, што значи низа на аспекти кои се потпомогнати од страна на ЕУ, од страна на САД, меѓутоа и билатерално, со одредени соработки коишто ги има МВР. Сакам да ја издвојам соработката која што ја имаме на одлично ниво со СР Германија, со Чешката Република , со словенечката полиција“, истакна Спасовски.

Потенцирајќи дека во однос на членството на ЕУ, граѓаните кои што го посакуваат тоа се апсолутно мнозинство, Спасовски рече: „Тоа се вредности кои што ние треба да ги преземеме, не е нешто имагинарно или туѓо. Ние тоа треба да го живееме! И затоа е важен процесот на преговори за членство во ЕУ да започне и преку тој процес тие европски вредности да станат дел од нашите институции.“

„Јас реков дека немаме алтернатива. Јас сакав да слушнам од политички структури во државата коишто нѐ кочеа на патот на отворањето на преговорите која е алтернативата ако ние не сакаме да бидеме дел од ЕУ?! Значи, мора да има некаква алтернатива, мора да има некаква стратегија. Одговорот, ‘Ќе ви кажеме кога ќе дојдеме на власт’ – не е одговор, затоа што нуди неизвесност на овој пат. Секако, ние знаеме дека отворањето на првиот кластер за преговорите ќе се случи во моментот кога ќе дојде до промена на Уставот и ќе продолжиме со сите тие активности, би рекол, на воведувањето на тие европски вредности во институциите“, подвлече Спасовски, додавајќи дека не се само финансиските средства во прашање кои се користат и во моментов, иако потсети дека тие многукратно ќе се зголемат во процесот на преговори и со членството во ЕУ.

На прашањето дали државата ќе влезе во некаков вакуум по сѐ поизвесното неотпочнување на преговорите до крајот на оваа година, а земајќи ги предвид тврдењата и на опозицијата, Спасовски категоричен дека на европскиот пат мора да се опстои.

„Едно е да имате декларативни изјави, а второ да преземете конкретни чекори и мерки. Ние со декларации од типот ‘сите сме за НАТО и сите сме за ЕУ’ поминавме 27-8 години. Кога требаше да се преземаат чекори за носење на важни одлуки, колку и да се тие тешки, бидејќи одлуките се за иднината за оваа држава – тие сепак се донесоа“, рече Спасовски, додавајќи дека идните случувања ќе зависат од одговорноста на политичките субјекти.

„Тоа е клучната работа! Ако гледаме кон иднината, ако мислиме на секој еден граѓанин во државата и ако сакаме да ги оствариме сите овие национални интереси, тогаш мора сите други политички импликации, политички интереси итн., да ги оставиме по страна, бидејќи едни со други не можат да бидат во корелација. Општиот, заедничкиот, националниот интерес мора да биде прв, затоа што нема политички субјект или поединец на кој што може да му биде поважна политичката кариера или политичкиот профит од напредокот на државата“, порача Спасовски.