25.8 C
Скопје
21. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба на членовите на Комисијата за одбрана со слушателите на Сениорскиот курс на НАТО од Одбранбениот колеџ во Рим

Членовите на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Северна Македонија денеска остварија средба со слушателите со чин потполковник/полковник на Сениорскиот курс на НАТО Одбранбениот колеџ во Рим, Република Италија.

Целта на студиската посета е слушателите на Сениорскиот курс на НАТО да добијат целосна безбедносно – одбранбена слика за нашата држава, преку обезбедување информации за одбранбената политика и структурата на безбедносните сили низ средби со релевантни авторитети, преку презентации и сесии, дополнети со прашања и одговори. Поздравно обраќање имаше претседателот на Собранието Талат Џафери, кој истакна дека НАТО е единствениот стабилен одбранбен сојуз кој ги обединува земјите низ целиот свет и кој опстојува речиси 75 години.

Во сите овие децении, рече Џафери, Алијансата покажа дека конзистентноста на сојузништвото меѓу земјите-членки, земјите аспиранти и земјите партнери, е секогаш поставена на највисоко место. Градењето на стабилен, отпорен на безбедносни предизвици и мирен геополитички простор е императив на НАТО, а улогата на сојузниците во тоа, каде делуваат „сите за еден”, е најскапоцената придобивка од Северно-атлантската повелба.

Џафери нагласи и дека Собранието на Република Северна Македонија, како претставнички орган на граѓаните, рамноправно со другите сојузнички парламенти учествува во парламентарната димензија на НАТО, односно Парламентарното собрание.

Во знак на благодарност за неговиот придонес при зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, на претседателот Џафери му беше врачен амблем на Одбранбениот колеџ на НАТО, за кој беше посочено дека ги симболизира основните вредности за кои се залага Алијансата – лични слободи, човечност, правда, демократија…

На настанот се обрати и Миле Талески, претседател на Комисијата за одбрана и за безбедност, кој зборуваше за структурата и за надлежностите на ова работно тело на Собранието на РСМ. Талески притоа истакна дека, и покрај различната политичка провиниенција на пратениците што членови на Комисијата, ова работно тело главно ги носи со консензус одлуките поврзани со членството на земјата во НАТО, а пред се одлуките за испраќање припадници на армијата во мисиите на Алијансата.

Талески посочи и дека во последните години зајакнува надзорната улога на Парламентот врз работатат на безбедносните служби, како и дека е при крај проектот за заштитена соба во Собранието.

На прашања од слушателите на Сениорскиот клуб на НАТО, во врска со предизвиците од безбедносен аспект за Северна Македонија и регионот, Талески посочи дека во последните години е значително подобрено безбедносното опкружување на земјава, за што придонесува и членството во НАТО.