Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за здравство, Фатмир Меџити и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири присуствуваше на презентација на нова апаратура за генетско испитување при МАНУ и на промоција на резултатите добиени од проектот „Унапредување на капацитетот на Националниот центар за геномика протеомика при ИЦГИБ – МАНУ во областа на персонализираната медицина“.
„Сите наши напори се насочени кон побрз напредок на образованието и науката, и што повеќе мерки за да им помогнеме на нашите млади луѓе да ги остварат своите животни соништа, овде во нивната родна земја. Тука, каде заедно со нас, создаваме услови за европски квалитет на живот. Тоа е наша цел и наш приоритет од кој нема да отстапиме. Тоа е наша обврска и одговорност, како носители на одлуки со кои влијаеме за подобрување на животот на граѓаните. Затоа и презедовме низа мерки за подобрување на состојбите во високото образование, меѓу кои носењето на Законот за високо образование од 2018 година со што ја вративме автономијата на универзитетите“, рече Ковачевски.
Како што додаде за прв пат во 2021 година се потпиша Колективен договор со кој се обезбедува континуиран раст на платите.
„За првпат, оваа Влада воведе и субвенциониран оброк за студентите и воведовме и нови категории на студентски стипендии, кои ги зголемивме и изедначивме на ниво од 6.050 денари на месечно ниво што е зголемување за 80% во споредба со претходно.
Студентите ги вклучивме и во новиот пакет антикризни мерки, каде предвидовме во наредните 7 месеци, 15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, месечно да добијат ваучер за превоз во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени 2 милиони евра.
Да сублимирам, науката и образованието се еден од главните столбови на државата. Без нив нема напредок, нема раст и нема развој. Затоа мора да се потпреме на науката, на образованието за да одиме напред, да одиме во чекор со светските достигнувања. Само така ќе имаме просперитет и ќе имаме светла иднина.
Благодарам и сакам уште еднаш да се заблагодарам на честа што ми ја направија Академиците од МАНУ денес да бидам тука присутен и заедно со нив да ја видиме како во употреба функционира новата опрема која е обезбедена со помош на државата“, заврши Ковачевски.