662 милиони евра ќе бидат одвоени за нвиот пакет антикризни мерки, што го донесе Владата вчера.
Пакетот содржи 26 мерки таргетирани за поддршка на ранливи категории на граѓани и за помош на компании.
Колку граѓани се опфатени со мерките?
Со овие мерки се опфатени 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, речиси 540.000 корисници на апликацијата мој ДДВ, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании.
Пакетот содржи и системски мерки со кои за 2023 и 2024 година се опфатени над 338.000 пензионери и 106.000 вработени во јавен сектор, објави Владата.
Пари за основци, средношколци и студенти
Со новите мерки, над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните 6 месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно, за што од буџетот за оваа финансиска поддршка ќе се издвојат вкупно 14,3 милиони евра.
Во наредните 7 месеци, 15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени 2 милиони евра.
Мерки и за најранливата категорија на граѓани
Во однос на најранливата категорија на граѓани, во наредните 5 месеци по 2.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надоместок заради попреченост, самохраните родители корисници на Гарантирана минимална помош и родителите на деца со попреченост до 26 години. Мерката опфаќа 16.741 граѓани, за што се издвоени 2,7 милиони евра.
Помош за пензионерите
Антикризни мерки се предвидени мерки за поддршка и заштита на стандардот на пензионерите со најниски пензии. Односно, во наредните 5 месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, оние со пензија од 14.000 до 16.000 денари 2.000 денари, додека, за пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари во следните 5 месеци, ќе имаат поддршка од 1.500 денари. Со оваа поддршка се опфатени над 187.000 пензионери, за што се предвидени 35 милиони евра.
Пари има и за земјоделците
За земјоделците со новиот пакет е предвидена авансна исплата на субвенции преку ИПАРД програмата, и тоа за 40.000 земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарството, за што се предвидени 8,1 милиони евра, објави Владата.
Покрај овие мерки, пари има и за субвенционирање на цената на струјата и на топлинската енергија.
Ќе има и финансиската поддршка за сметките за струја за домаќинства со ниски приходи – корисници на ГМП и социјална пензија.
Голема поддршка за компаниите
Пакетот наменет за поддршка на приватниот сектор е во износ од 492 милиони евра и содржи мерки за одржување на ликвидноста на компаниите, конкурентноста и поддршка за инвестиции во обновливи извори.
Конкретно, предвидени се поволни заеми за мали и средни претпријатија во износ од 10 милиони евра, за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори, преку издавање на зелена обврзница.
Се проширува опсегот на компании корисници на гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање, за што се предвидени 39 милиони евра.
Предвидена е поволна седма кредитна линија за зелена транзиција во соработка со Европската Инвестициона Банка во износ од 100 милиони евра, за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори, по принципот 1+1.
Исто така во соработка со Француската агенција за развој, предвидена е поволна кредитна линија во износ од 50 милиони евра, за поддршка на женско претприемништво, дигитализација и проекти со што придонесуваат за намалување на негативните ефекти од климатските промени и проекти со позитивен придонес за животната средина.
Планирани се 50 милиони евра за поволни заеми за мали и средни претпријатија во соработка со Банката за развој на Советот на Европа, наменети за создавање и зачувување на работни места, поддршка на женско претприемништво и за зелени инвестиции.
Покрај овие, за граѓаните и компаниите ќе бидат достапни и други антикризни мерки кои можете да ги погледнете ТУКА.