25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Анима мунди“: Итно да се истражи и соопшти од што вчера почина жирафата Флопи

Од „Анима мунди“ велат дека итно треба да се истражи од што починала последната жирафа Флопи во скопската Зоолошка градина.

„Што се случува со ЗОО Скопје, кој ја мониторира здравствената состојба и ја гарантира безбедноста на животните, се откри ли кој ги отру и уби ретките коњи пред неколку месеци; која е причината што вчера почина и жирафата Флопи?! Кога, конечно, ќе разбереме дека животот зад решетки не е живот, туку казна, кога ќе биде веќе еднаш доволно од нивното страдање во доживотно заробеништво и генерирање профит врз грбот на нивните несреќни судбини“, велат од „Анима мунди“.

Тие бараат итно запирање прием на нови единки и промена на концептот на зоолошките во Македонија во центри за рехабилитација на животните, престојот да биде ставен во функција на оние животни што се веќе затекнати и живи, со забрана за набавка на нови.

„Бараме да се искористи секоја можност за нивно подарување во центри во Европа, кои се поадекватни за нивната благосостојба, а за што се ставаме на располагање.
Потсетуваме, животните се држат на тесен простор, на доживотна робија, немаат приватност и има многу малку можност за нивна ментална стимулација, социјализација со сопствениот вид или телесна активност. Тоа резултира во абнормално и самодеструктивно однесување, кое се нарекува зоохоза (од зоопсихоза). Величествените животни во зоолошките стануваат само свои бледи сенки. Одземено им е сè што животот го прави вреден за живеење: семејството, заедницата, слободата и можноста да изберат како ќе го минат својот живот – дури и кога тие животи не се нималку лесни. Бараме да се овозможи комплетен видеомониторинг на сите животни 24/7 и увид во видеонадзорот на сите живеалишта, итно да се открие која е причината што вчера почина и младата жирафа Флопи. Каде е раководството на ЗОО Скопје да се произнесе или поднесе оставка? Бараме итна стручна анализа што се случува и казни за сите што се одговорни“, велат од „Анима мунди“.