26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски: Улогата на Одделот за воздухопловни единици при МВР беше клучна во справувањето со пожарите и бројните спасувачки мисии

Денеска, во седиштето на Хеликоптерската единица за полициски намени во Идризово се одржа Свечена церемонија по повод 54 години од формирањето на Одделот за воздухопловни единици при МВР, на која свое обраќање имаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, началникот на Одделот за воздухопловни единици, Ненад Алексовски, како и државната секретарка на Република Словенија, Тина Хеферле, во присуство на раководството на МВР и бројни претставници од државните институции и дипломатски претставништва, соработници на Одделот.

Истакнувајќи дека преку својот високо професионален пристап низ годините Одделот се изгради како важен оперативен елемент што ги опслужува сите функционални единки и служби во Министерството за внатрешни работи, министерот Спасовски во своето обраќање ја потенцираше суштината на работењето на Одделот.

„Кога зборуваме за сегментот на оперативно дејствување на Одделот за воздухопловни единици тој претставува еден од суштинските во полициското работење, преку кој се извршуваат сите задачи од областа на антитероризам, одржување на јавниот ред и мир, заштитата и спасувањето, помош при елементарни непогоди и други останати полициски работи”, рече министерот Спасовски. Притоа, тој се осврна на неколкугодишниот развој на Одделот. „Од 2017 година наваму го динамизиравме процесот на материјално-техничко оспособување на полициските служби и на полициските службеници на ниво на МВР, па така и во Одделот за воздухопловни единици се ориентиравме кон неговиот континуиран развој и модернизирање, како во поглед на личната опременост на полициските службеници коишти работат тука, така и во поглед на подобрување на објектите и инфраструктурата што тие ја користат во секојдневното работење. Во овој период на развој беше инвестирано во низа неопходни инфраструктурни потреби на Единицата, не само од аспект на материјално-техничките потреби како што се реновираниот објект на Единицата, рампа за десантирање на тимови од воздух, ведро и резервоари за гаснење пожари, туку и персоналното опремување на вработените со летечки униформи и специјална летечка опрема, но и униформи за персоналот за техничко одржување”, рече Спасовски.

Спасовски особено ја потенцираше летната сезона и гаснењето на пожарите, како и спасувачките мисии од страна на Одделот.

„Она што сакам посебно да го потенцирам е полициското дејствување за време на летната сезона, изминативе три години, каде Одделот за воздухопловни единици беше клучен во справувањето со огнените стихии низ територијата на целата држава. Притоа, соработувајќи со низа институциите од државниот апарат, припадниците на Хеликоптерските единици за полициски и за посебни намени секогаш се во првите редови на системското спротивставување, заштита и превенција од пожари, а секако вредни за споменување се бројните заеднички спасувачки мисии реализирани во координација со другите полициски служби, првенствено со Одделот за специјални полициски операции – Специјалната антитерористичка единица Тигар и Единицата за брзо распоредување”, истакна Спасовски, со уверување дека и во годините пред нас припадниците на Одделот ќе бидат на висина на задачата и професионални и посветени како и досега и дека заеднички ќе се вложи дополнителна енергија и ентузијазам во натамошниот раст и развој на Одделот, со единствена цел – градење на полиција сервис на граѓаните и гарант за сигурноста и безбедноста.

Во своето обраќање, началникот на Одделот за воздухопловни единици, Ненад Алексовски, истакна дека досега со поддршка на раководството на МВР се реализирани бројни проекти од интерес на граѓаните и државата. „Имено, со постојана поддршка на раководството во Министерството ОВЕ успеа да реализира голем број на проекти кои придонесоа за подобрување на условите и можностите за работа на ОВЕ како што се реновирање на објектот на ХЕ за полициски намени, набавка и инсталација на рампа за десантирање на тимови од воздух, ведро и резервоари за гаснење пожари, персоналното опремување на вработените со летечки униформи и специјална летечка опрема, но и униформи за персоналот за техничко одржување. Паралелно со ова се работеше и на одржување на високо технолошко ниво – преку редовно одржување и сервис на леталата и нивна модернизација, набавка односно надградба на нивната навигациска и радио опрема, ТЕТРА системи за комуникација, како и набавка на опрема на леталата и за оперативни активности од спасувачки карактер, особено во делот на гаснење пожари”, истакна Алексовски. Притоа, тој ги сподели идните планови за развој на Одделот.

„Во следниот период планот е единицата да продолжи да се развива во насока на отворање на свој школски центар за обука на пилоти, обезбедување на дополнителни напредни обуки, како: обука за инструктори на тип на хеликоптер, обука за наставници по летање, обука за летање во инструментални услови, користење на опрема за ноќно летање (NVG) и други обуки со кои ќе се подигне квалитетот и оспособеноста на летачкиот персонал”, истакна Алексовски.

Од страна на државната секретарка на Република Словенија, Тина Хеферле беше истакна добрата соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Словенија.

„Чест и задоволство ми е што заедно го чествуваме овој Ден, Словенија и Северна Македонија се пријателски земји, не’ поврзуваат долгогодишни врски. Големата словенечка поддршка за НАТО и ЕУ е од секогаш искрена, тоа го докажавме на многубројни начини.
Секогаш кога меѓусебно добро соработуваме, можеме да си помогнеме на најефикасен начин. Денес ме радува прикажувањето на хеликоптерската опрема која е во рамки на развојната помош која ја пративме на Северна Македонија за зајакнување на извршувањето на полициски задачи, вклучувајќи го спасувањето лица. Предавањето хеликоптерска опрема е резултат на добра соработка на подрачје на воздухопловни единици. Верувам таква добра соработка ќе имаме и во иднина. Ви посакувам безбедна и успешна работа”, истакна Хеферле.

На крајот од свеченоста беа доделени благодарници и плакета за успешна соработка со Одделот за воздухопловни единици.