26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Верувам во сите жени, нивните способности и нивните можности за успех

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска беше дел од панел дискусијата „Улогата на националните, регионалните и локалните институции во јакнењето на женското претприемништво“ заедно со Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, Раководителката на програмската канцеларија на UN Women во Република Северна Македонија, Весна Ивановиќ – Кастаред и Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов. Панелот беше организиран во рамки на третиот годишен самит на Националната платформа за женско претприемништво – Жени во претприемништвото – Клуч за зајакнување на економијата.

Министерката на почетокот на своето обраќање зборуваше за важноста на политиките за родова еднаквост. Таа истакна дека тие овозможуваат еднаков пристап до ресурси и на мажите и на жените и објасни дека тоа е насоката по која треба да се водат креаторите на политики за да го поттикнуваат економското зајакнување на жените.

„Оперативниот План за вработување содржи мерки и активности насочени кон економско зајакнување на жените. Најатрактивни се мерката за самовработување која овозможува и на жените и на мажите да отворат свој бизнис да го остварат својот сон со грант од 5000 евра за еден основач а двајца содружници 10 000 евра. Значајно е тоа што над 40% од добиените грантови се искористени од жените и согласно анализите бизнисите кои ги отвораат жените покажуваат особен успех“ рече Тренчевска.

Според податоците за кои зборуваше Тренчевска во 2023 година до сега во активните мерки и програми 51% од вклучените лица се жени. Таа зборуваше и за младите девојки кои се дел од производствената дејност. Министерката истакна дека Владата нив дополнително ги зајакнува преки Законот за младински додаток кој одредува дека на секое младо лице до 23 години вклучено во производствена дејност следува дополнителни 3000 денари на сметка. Во 2023 година 904 девојки се дел од примателите на овој додаток на ниво на целата држава.

Тренчевска на крајот од своето обраќање се искористи со имињата на кампањите кои изминатите две години ги спроведе Министерството за труд и социјална политика и рече:

„Ги поттикнувам жените да бидат „Гласни и храбри“, да веруваат во себе и да „Остават трага“ во општеството и да бидат дел од нашата заедничка „Сложувалка““.

Таа со крајот на нејзиниот настан ја најави кампањата „Сложувалка“ која по повод 16 дена активизам за борба против насилството врз жените која започнува официјално со настан на 24.11.2023 година.