22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Богоев: Царината под мое раководство ќе делува како ефективен сервис за македонското стопанство

„Повеќе пари во Буџетот, што значи повеќе пари за болници, за училишта, за патишта, за плати, за пензии и слично. Ефективен сервис на македонското стопанство, што значи спроведување политики за олеснување на трговијата и забрзување на транспортот, со што ќе ги подобриме условите за водење бизнис, што ќе овозможи нови инвестиции и нови работни места. И трето, сузбивање на криминалот, шверцот и корупцијата со цел заштита на општеството и генерирање повисоки приходи во Буџетот“. Ова се поставените цели за кои нема компромис, вели во интервју за извоз.мк директорот на Царинска управа, Стефан Богоев.

„Новото време во кое живееме и изменетите услови во кои се одвива движењето на стоки бара и трансформација на Царинската управа која ќе делува како ефективен сервис на македонското стопанство и граѓаните. Трговијата е крвотокот на македонската економија, при што илјадници работни места зависат од неа. Производителите се потпираат на увозот на интермедијарни производи и суровини, за да можат да овозможат високо квалитетни производи по конкурентни цени. Зголемување на конкурентноста на македонските компании на меѓународните пазари подразбира и побрзи и поедноставни процеси што ќе се овозможи преку модернизација на премините по светски стандарди и дигитализација на процесите. Оттаму, ефикасни услуги од Царината се повеќе од потребни, со цел овозможување економска конкурентност и европска интеграција“, потенцира Богоев.

Подобрувањето на ефективноста на Царината, како што рече, е во линија со процесот на пристапување кон Европската унија, каде освен усогласување на законодавството се бара ефективност во примената на правото.

„Придобивките од овој процес ќе се почувствуваат на сите нивоа, бидејќи се клучни за генерирање повисок и одржлив економски раст. Во оваа насока сме насочени кон: целосно хармонизирање на царинската легислатива со европското законодавство; дигитална трансформација и замена на постоечките ИТ системи со нови системи кои се применуваат во ЕУ; модернизација на премините; борба со криминалот и сузбивање на сивата економија и корупцијата. Побрзо спроведување на овие процеси значи и создавање на услови за побрз влез во ЕУ. Притоа мерките за економска интеграција и подобрување на условите за инвестирање ќе бидат клучни“, вели Богоев.

Тој во интервјуто најавува изградба на нови гранични премини Маркова нога и Клепало, реконструкција на граничните премини Деве Баир и Ќафасан, како и нов граничен бизнис хаб за вршење на сите процеси за царинење на едно место.

Богоев вели дека со политиките и активностите што се спроведуваат во моментов се создаваат услови за пристапување кон Царинската унија и единствениот пазар на ЕУ.